Кога македонските граници би биле ЕУ-граници

Тие што во Западот гледаа симбол за слобода, денес се факторите кои направија, Западот во форма на ЕУ, за земјите-кандидатки, како Македонија, да стане симбол за агонијата на долго чекање. Пишува Кица Колбе

Кога македонските граници би биле ЕУ-граници, тогаш историјата, која долги векови ја определуваше судбината на „македонското прашање”, конечно би заминала во минатото. Кога македонските граници еден ден би станале ЕУ-граници, тогаш никој повеќе на Балканот нема да сонува за славните пропаднати средновековни царства. Денес на социјалните мрежи Бугари и Македонци жестоко се караат за Гоце Делчев. Се нарекуваат погрдно „Татари” и „Титови клонови”. Историската положба на Македонија и борбите на нејзините соседи за освојување на нејзината територија може да се спореди со таа на регионот Елзас и Лотрингија. Некогаш за Германците и за Французите другиот народ беше непријателот што го наследуваа од постарите генерации, затоа што тие учествувале во војните за превласт во таа област. Денешните Французи и Германци одамна не се „караат” за тоа кому му припаѓа Карло Велики, туку во двете земји тој се смета за „татко” на обединета Европа. Учениците во двете земји учат од ист учебник по историја. Карло Велики за нив е историска личност која ги поврзува двата народа. Може ли денешните Бугари и Македонци да си замислат дека Гоце Делчев или Цар Самуил би можел еден ден да ги поврзува во цврсто пријателство?

Визијата за Европа

Денес уште незамисливо! Но кога еден ден македонските граници биле биле европски, тогаш Бугарите и Македонците ќе сознаат колку е смешно, колку е апсурдно во време на ВИ нивните граѓани на социјалните мрежи да „водат војна” за тоа чиј е Гоце Делчев. Кога македонските граници би станале ЕУ-граници, тогаш историјата ќе си замине во архивите, а иднината конечно ќе дојде. На тоа мислеше Горан Стефановски кога напиша дека на Балканот, а Македонија за него беше симбол за Балканот, минатото никако да си замине, а иднината никако да дојде. Кога македонските граници би станале во блиска иднина ЕУ-граници, тогаш оваа ЕУ на бриселски „апаратчици” барем би се обидела да покаже дека не ја заборавила визијата на големите политичари кои ја создадоа ЕЗ. Бриселските „апаратчици” би се сетиле дека, навистина, идејата на ЕЗ беше создадена од луѓе како Аденауер и Де Гол, како Роберт Шуман и Вили Брант, за да се надминат таквите невралгични „јазли” среде Европа, како регионите Елзас и Лотрингија, поради кои Французите и Германците во минатото водеа многу војни. Европскиот сон за демократија и заедништво не е возможен без надминување на таквите историски и геополитички кризни региони. Некогашните вечни непријатели – Французите и Германците – во ликот на големите државници Де Гол и Аденауер решија да го надминат тоа непријателство со историско помирување. Тоа се случи брзо во однос на политичкото обединување, но во однос на промената на свеста за историјата тој процес траеше речиси половина век. Да не го имаше заборавено тој факт бриселската администрација, немаше обидот на Франција да посредува во спорот помеѓу Македонија и  Бугарија да заврши во  фамозниот „француски предлог”,  во кој еден од условите за успех на пристапните преговори е работата на Мешовитата комисија за историски прашања. Тоа што не беше замисливо да биде услов за пријателството и за историското помирување на Французите и Германците, стана услов за  процесот помеѓу Македонија и Бугарија. А тоа е ќорсокакот во „францускиот предлог”!

Заборавени лекции

За жал, духот на  денешната ЕУ  е далеку од оној на големиоте визионери кои ги поставија темелите на европското обединување. Тие уште свежо се сеќаваа на стравотиите на војните и сакаа по секоја цена да спречат во изднина да се водат војни во срцето на Западна Европа. Дали  ЕУ  во меѓувреме заборави дека ЕЗ имаше намера да ги спречи војните во Југославија, со тоа што им понуди на тогашните југословенски политичари да се откажат од својата желба за национални држави, во замена за полноправно членство во ЕЗ? Ако тогашните европски политичари од форматот на Жак Делор веруваа дека во кризни времиња мора да има храбри решенија, зошто денешните бриселски политичари не извлечат поука од него? Тогаш би можеле да извршат притисок во своите редови, врз своите членки, тие да се откажат од културниот империјализам.

Најтажното во денешната состојба, во која ЕУ се наоѓа откако станаа ЕУ-членки, земјите од Источниот блок, е тоа што стана тешко да се сонува дека македонските граници би можеле еден ден да станат европски. Затоа што токму тие нови ЕУ-членки, кои порано со децении сонуваа за слободата на Западот, денес се најригидните сили во ЕУ. Тие што во Западот гледаа симбол за слобода, денес се факторите кои направија, Западот во форма на ЕУ, за земјите-кандидатки, како Македонија, да стане симбол за агонијата на долго чекање. Човек мора да се праша дали сето ова што се случува во последните години во ЕУ не докажува дека да се биде ЕУ-членка  и да се биде вистински западноевропска демократска земја претпоставува, најнапред, преобразба на доминантниот дух во општествата кои со децении беа во една недемократска политичка формација како Источниот блок? Многу земји од тој блок ја уживаа привилегијата, по приемот во ЕУ, самите да одлучуваат за своите национални права, но во мигот кога ги остварија, паднаа пред искушението со ветото да тормозат малечки земји како  Македонија,  веројатно онака како што се чувствувале тормозени и самите од семоќниот Советски сојуз во Источниот блок.

Нивното однесување тие нема да го променат доколку самата ЕУ не се запраша дали духот што владее во неа откако станаа членки многу земји од бившиот Источен блок, е уште верен на оној на основачите на ЕЗ. Орбан беше само еден еклатантен пример за тој дух кој е деструктивен, пред се‘, за самата ЕУ. Се‘ додека тој дух не биде препознаен како штетен за самата ЕУ, ќе има постојано нови копии на Орбан. ЕУ мора да го спречи ширењето на културниот империјализам во нејзините редови. Само тогаш земјите како Македонија, кои ја отсликуваат положбата на западноевропскиот регион на Елзас и Лотрингија во минатото, кој денес за  Франција  и  Германија  има поврзувачка функција, ќе се стекнат со таква позитивна функција и во Западниот Балкан. Тогаш би станал непотребен и тој бриселски поим Западен Балкан, создаден од нечиста совест кон земјите како Македонија, кои предолго чекаат Брисел да се свести за својот првичен дух на европското обединување, како мирољубиво надминување на познатите историски кризни подрачја и „јаболка на раздорот”. Само така Македонија, како и Елзас денес, ќе стане само симбол за квалитетно вино и за спокоен живот.

 

Back to top button
Close