Колаж-предизвик за 8 март
СКК (Скопје Колаж Колектив) е независен и непрофитен колектив која има мисија да ја разгласи убавината на колажот и слободното уметничко изразување.
Иницијативата функционира преку предизвици. Секој понеделник објавуваат фотографија која може да се симне од нивната веб-страница и да се искористи во аналоген или дигитален колаж. Темата е слободна, а единственото ограничување е што мора да искористите бар делче од фотографијата. Предизвиците траат една недела и секој може да учествува, и аматери и професионалци.
Оваа недела, тие објавија предизвик во поддршка на феминистичкиот марш за 8 март.
„За предизвик #7 даваме поддршка и се инспирираме од слоганот на овогодинешниот феминистички марш и бојкот – „Нека јадат ружи”.
Слоганот е креативна игра со зборови (на некој начин зборовен колаж) од познатата фраза која се припишува на Марија Антоанета: „Ако немаат леб, нека јадат колачи”. Тој упатува критики на повеќе рамништа, фокусирајќи се на моќниците кои се апатични за страдањата на народот или, пак, кои воопшто не ги перцепираат.
Со какви неправди се соочувате? Како системот е апатичен спрема вашите блиски? Како може да го однесеме светот чекор поблиску до утопија? Истражете ги прашањата преку колаж!
Рокот е до недела на полноќ. Можете да ја симнете фотката од нашиот сајт, а колажите да ги постирате на Инстаграм и да нè тагнете или да ни ги пратите на мејлот skopjecollagecollectivescc@gmail.com Среќно сецкање!“
За да се приклучите на овој и останатите предизвици, заследете ги на Инстраграм на @skopjecollagecollective или отворе ја веб-страницата skopjecollagecollective.com