Колку изнесува месечна пензионерска кошничка?
Списокот на потребите на пензионерите не е многу долг, но е прилично скап: храна, лекови, сметки… Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), во октомври 2024 година, просечната пензија изнесувала 23.727 денари (385 евра), а за октомври се исплатени пензии на 342.170 корисници.
Ако ја погледнеме статистиката 120.861 пензионер (35,32%) добиваат пензии од 15.693 до 19.409 денари (255–315 евра), 88.342 пензионери (25,82%) добиваат пензии меѓу 25.001 и 39.114 денари (406–636 евра), а 25.199 лица (7,36%) живеат со најниски примања до 15.692 денари (255 евра).
Само 3.035 пензионери имаат пензии над 59.981 денар (975 евра), што е помалку од 1%.
Највисоката пензија, примена од 27 лица, изнесува 82.780 денари (1.346 евра).
Тоа значи дека повеќе од една третина од македонските пензионери живеат со примања од 255 до 315 евра. За најниските пензии до 15.692 денари, пензионерите треба да покријат основни и непредвидени трошоци. Само мал број уживаат во повисоки примања кои дозволуваат поголем стандард.
Земајќи ги податоците од основната кошничка која за четиричлено семејсвто ја изработува Сојузот на синдикатите на Македонија и дел од податоците на Државниот завод за статистика, редакцијата на Рацин.мк изработи симулација на пензионерска кошничка која е потребна за двајца пензионери да го поминат месецот.
Македонските пензионери се на едно од најниските места во регионот според примањата.
Во Србија просечната пензија е 390 евра. Минималната за земјоделците е 168 евра, а највисоката е 1.967 евра, исплатена на 72 лица. Во Босна и Херцеговина минималната пензија е 293 евра, гарантираната 350 евра, а највисоката 1.466 евра.
Во Црна Гора пак најниската пензија е 450 евра, додека просечната изнесува 502,91 евро, во Хрватска пак просечната старосна пензија со 40 години стаж е 771 евро, а максималните пензии достигнуваат 1.780 евра. Во Словенија минималната пензија е 337 евра, гарантираната 748 евра, а највисоката изнесува 4.231 евро. (Рацин)