Колку се корисни витамините и минералите во форма на таблети?

Сѐ повеќе луѓе ширум светот земаат таблети со витамини и минерали затоа што очекуваат дека така ќе им се подобри квалитетот на кожата или косата или помнењето, или пак дека ќе го засилат својот имунолошки систем. Магнезиум, витамин Ц, Д – пазарот е огромен.

„Луѓето мислат дека тоа се природни лекови”

Ангела Клаузен од Центарот за заштита на потрошувачите во покраината Северна Рајна Вестфалија со децении се занимава со ова прашање.

„Проблемот е во тоа што многу луѓе суплементите ги доживуваат како некој вид природен лек и ги користат за лечење или ублажување на болести. Но, смислата на суплементите е само да ги надополнат материите кои недоволно ги внесуваме преку храната”, вели таа.

Ако луѓето купуваат суплементи кои не им се од корист, во најдобар случај само трошат пари на глупости.

 

Што може да биде опасно?

Но, некои супстанции може да бидат и штетни ако се земаат во преголеми количини, како на пример витамин Д или јод и селен. Освен тоа, суплементите многу помалку се контролираат токму затоа што не се лекови. Поради тоа суплементите не секогаш ги содржат состојките кои се наведени на пакувањето, или пак количината не одговара на таа што е наведена. Исто така честово нив има и опасни или забранети супстанци.

 

Социјалните мрежи

Уште помалку се контролира што на социјалните мрежи се пишува за суплементите. Секаде има погрешни тврдења, како што покажа испитувањето на стотина објави од 2021 година. ДВ ги пребара социјалните мрежи во потрага по изјави за суплементите и анализираше три случаи.

 

Ќе бидете попаметни ако пиете одредени таблети, ветува едно видеоЌе бидете попаметни ако пиете одредени таблети, ветува едно видео

Ќе бидете попаметни ако пиете одредени таблети, ветува едно видео

Пример број 1: Попаметни благодарение на гинко, бакопа мониери, Л-теанин и магнезиум Л-треонат?

Тврдење: Во ова видео со околу 1,7 милиони прегледи ТикТокерката тврди дека „не си глуп, само ти е лоша циркулацијата во мозокот, што те спречува да се фокусираш и концентрираш. Тоа исто така доведува до лошо помнење.” Според неа, најдобро против тоа помагаат 4 суплементи: гинко, бакопа мониери, Л-теанин и магнезиум Л-треонат.

ДВ констатира: тоа е погрешно

Нутриционистката Фридерике Шмит од Универзитетот во Либек го погледа видео записот и вели дека „ТикТокерката споменува доста конкретни метаболички механизми и на почеток делува компетентно. Но, во реалноста за многу од споменатите препарати реално не знаеме како делуваат и дали воопшто помагаат“. На пример, едно тврдење е дека екстракт од билката бакопа мониери го зголемува нивото на невротрансмитерот ацетилхолин во мозокот, што ги подобрува перформансите на меморијата. „Тоа е нафрлено. Уште не е направена методски добра студија, а камо ли пак неколку, во која луѓето добивале од билниот екстракт, па имале повеќе ацетилхолин во мозокот и потоа можеле подобро да памтат”, посочува нутриционистката.

 

Користење на студии кои имаат мало значење всушност е редовна појава кога се промовираат суплементи, вели Ангела Клаузен. „Претставените студии се генерално – во однос на производот – катастрофа”, нагласува таа.

Севкупно може да се каже дека изјавите на ТикТокерката се се, само не научно одржливи. Не е докажано дека нејзините „топ 4 суплементи“ ги зголемуваат перформансите на мозокот како што таа тоа го опишува.

„Чудесниот лек“ куркума – тврдења кои не се докажани„Чудесниот лек“ куркума – тврдења кои не се докажани

„Чудесниот лек“ куркума – тврдења кои не се докажани

Пример број 2: чудесниот лек куркума?

Тврдење: Според овој видео запис на шпански јазик со повеќе од 1,5 милиони прегледи, куркумата како прав растворен во вода, помага во лечење на кожен егзем. Исто така се вели дека прави детоксикација на телото, спречува артритис и го намалува ризикот од рак. Слични тврдења можете да пронајдете на повеќе места.

 

ДВ констатира: тоа е погрешно

Иако на куркумата како зачин одамна и` се припишуваат добри својства кога се работи за варењето: „сите овие тврдења се недопустливи, студиите не ги поддржуваат“, вели Ангела Клаузен. Постојат студии за состојката куркумин. Но, не постојат „златни стандардни студии“ за екстракти кои се користат во производите, кои не се прецизно дефинирани. Студиите само покажале дека во епрувета одреден екстракт од куркума во одредена доза има антивоспалително дејство. Но, таквите ефекти може да се однесуваат само на овој екстракт во точно таа доза, а не на куркумата како целина. Исто така може кај луѓето да излезе сосем поинаку отколку во лабораторија. Нутриционистката Шмит исто така објаснува дека „сме далеку од тоа да кажеме дека куркумата дефинитивно помага. Посебен проблем е што куркуминот е многу реактивен и стапува во интеракција со многу други супстанци во лабораторијата и од таму е неговиот наводен ефект против толку различни болести и проблеми. Но, тоа не мора да има врска и со ефектот врз луѓето.

„Волшебно“ дејство на колагенот? Не е точно„Волшебно“ дејство на колагенот? Не е точно

„Волшебно“ дејство на колагенот? Не е точно

Пример број 3: Подобра кожа, коса, нокти и зглобови благодарение на колаген?

Тврдење: На колагенот на социјалните мрежи му се припишуваат многу позитивни нешта: дека ги зајакнува кожата, ноктите, косата, а според ова вирално видео исто така е добар и за зглобовите.

ДВ констатира: тоа е погрешно.

Колагенот е протеин кој природно се синтетизира во телото и важен е за коските, зглобовите, мускулите и тетивите. Суплементите со колаген се од животинско потекло и обично се добиваат од отпадот од кланица. Не е сигурно во која мера нашето тело може да го искористи колагенот што го добива од надвор. Дури и најпознатиот наводен ефект од колагенот – подмладување на кожата – според мета-студија од 2023 година бара натамошни истражувања. „Колагенот во ЕУ не е одобрен ниту за едно од тие ветувања, а секако не за здравјето на зглобовите”, вели Клаузен. Централата за заштита на потрошувачите во 2022 година дури и го добила процесот против производителот „Glow25 Collagen Pulver” со што веќе не смеат да тврдат дека со конзумирање на производот „коските и зглобовите ќе бидат поздрави“. Производителот исто така призна дека не се точни тврдењата во врска со кожата, косата и ноктите. Сепак, на социјалните мрежи има многу објави со вакви тврдења.

Заклучок: потрошувачите се измамени

Кога се во прашање суплементите не е лесно да се раздвои лагата од вистината. Севкупно, изјавите на социјалните мрежи често се преувеличани, без научна подлога или дури и забранети. Секако, суплементи како железото може да бидат корисни ако имате недостаток на железо. Но, „во многу случаи едноставно гледаме дека луѓето трошат пари на нешта кои не им се потребни“, вели Фридерике Шмит. Тоа е просто „примамлива идеја, со неколку капсули да можеш да направиш нешто за своето здравје”, заклучува таа.(dw)

Back to top button
Close