Концепт за победа

Одговорен“ и „политичар“ обично тешко одат во една реченица. Посебно на овие простори. Малку се примерите на такви луѓе, иако во последниве години имаме за што да зборуваме повеќе. КАКО да стигнеме до одговорни политичари, функционери е прашање што отвора многу можности натаму.

Едноставен одговор е дека ќе ги „притиснеме“ да одговараат на телефонски повици, пораки или да бидат достапни за средби. Ок, може, но не сум сигурен дека вакви решенија, што се навидум лесни, се реални и применливи во политиката. Посебно не на овие простори.

Друг пристап е да ги направиме „зависни“ од луѓето што го бираат. Не од лидерот, не од партиското раководство, туку од членовите, граѓаните.

 

„ЌЕ ПОЧНЕ ОД МЕНЕ“

Затоа, воведуваме модел на непосреден избор на кандидати за градоначалници и пратеници. Така, за да некој стане и воопшто кандидат за градоначалник или пратеник ќе го помине основниот филтер – луѓето. И, нема да има потреба да трча „по милост“ некаде на друго место, туку единствено и исклучиво во местото и меѓу луѓето каде живее.

Во менување на пристапот во изборот на луѓе за функции. Прво, дефинираме КАКВИ луѓе се потребни. Со какви карактеристики, образование, искуство. Па, потоа отвораме дискусија за КОЈ и притоа излегуваме од границите на партијата, на државата и размислуваме широко.

Посебно, за позиции кои носат висока или највисока одговорност. И, ова нема да „важи за сите освен за мене“ туку „ќе почне од мене“. Значи, еве вака и во пишана форма, истиот пристап ќе го имам(е) и за позицијата Претседател на Владата.

Концептот на одговорен политичар, што испорачува конкретни резултати, работа за луѓето го зајакнуваме и со политичка едукација на младите. Работиме на развој на вештини и на свест дека преку политиката придонесуваме за општеството, за сите луѓе, а не за себе и за најблиските.

 

НЕ СМЕ РОК ЅВЕЗДИ

Успехот во политиката, и на највисоките позиции, ќе се мери преку проценти на пораст на платите во однос на инфлацијата, преку проценти на пораст на вложувањата во здравството и образованието, преку проценти на придоден прираст на населението.

На крајот, успехот го мериме и преку тоа колку луѓе успеавме да вратиме назад, дома, а кои предходно си заминале во странство. Македонија станува место каде младите прво ќе размислуваат да останат дома, а не веднаш да заминат во странство.

Одговорноста на крајот ја мериме и со начинот на однесување. Политичарите, функционерите не се рок ѕвезди, нитуимаат натчовечки способности. Со Концепт 28 велиме дека нема да се фаворизираат „приказни“ за работа 24/7.

Се прифаќа фактот дека носителите на функции се нормални луѓе, кои треба да продолжат со нормалната рутина. Нормалната рутина не е „само за сликање“. Нема „криење“ од јавноста, пријателите, соседите.

Чесна работа, одговорност, многу мерливи и конкретни резултати се нешто што можам со чист образ да го ветам. Да ветам дека ќе направам, ќе вложам се што знам и умеам за да ја постигнеме целта. Достоинствен, убав живот на сите. И ниту еден човек нема да биде изоставен.

Ова е мојот Концепт за Победа. На државата, а пред се, на ЛУЃЕТО, на секој од нас.

Јован Деспотовски

Авторот е кандидат за претседател на СДСМ

 

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close