Конгрес на СДСМ: Сите го чекаат Заев

Неизвесно е дали Заев ќе предложи нов заменик претседател по повлекувањето на Шекеринска, или ќе има предлог таа функција да се укине.

    

Во СДСМ привршуваат подготовките за 26. Конгрес што ќе се одржи в недела, на 16-ти мај.  Сепак, два дена пред Конгресот во партијата владее голема воздржаност околу кадровските решенија што ќе се најдат на гласање пред делегатите, кои треба да изберат 120 нови членови на Централниот одбор и девет членови на Надзорниот одбор, со мандат од 4 години. Централниот одбор е највисок орган на СДСМ меѓу два конгреса, а се очекува листата да ја предложи Заев, врз основа на пристигнатите предлози од 80-тина општински организации.

Иако овој не се смета за „Конгрес на изненадувања”, со оглед дека на 21-ви март Зоран Заев беше реизбран за претседател на СДСМ на првите непосредни внатрепариски избори, интересот е насочен кон кадровскиот избор за функцијата заменик претседател. Таа позиција за првпат беше воспоставена во 2013 година и досега ја извршуваше единствено Радмила Шекеринска, со оглед дека на истата функција беше реизбрана и во 2017 година. Но, таа веќе најави дека нема да се кандидира за функција.

„Добив прашање од мојата општинска организација дали сум кандидат, кажав дека не сум, затоа што сметам дека и СДСМ и политичката сцена на Северна Македонија, одат напред кога постојано продуцираат нови кадри. Апсолутно, пристапот кон конгресот треба да ни биде да формулираме и нови политики, а тие да бидат подобри“, изјави Шекеринска во април.

Неизвесно околу заменикот

Извори во СДСМ немаат одговор која личност би можела да се најде на втората позиција во партијата, Според нив, се очекува одлуката да ја донесе партискиот претседател по неговото денешно враќање од Атина, бидејќи според Статутот, тој го предлага заменик претседателот на СДСМ.

Според нашите соговорници, во моментов подеднакво е неизвесно дали ќе биде предложено ново кадровско решение или ќе се укине таа функција. Наводно, намерата на партискиот лидер била да не се укинува таа функција и повторно да биде избрана жена. Но, извори во партијата велат дека со оглед на долгогодишното искуство на Шекеринска, тежок предизвик е да се најде кадар од сличен политички габарит, што прилично го лимитира изборот, па не е исклучено на таа позиција и да не биде предложена жена. Доколку пак биде решено да се укине таа функција, на Конгресот треба да биде доставен предлог за измена на партискиот Статут.

Според Статутот, претседателот и заменик претседателот немаат исти овластувања. Заменик претседателот учествува во градењето на политиката на СДСМ, ја креира надворешно- политичката стратегија на партијата, спроведува редовни контакти со меѓународниот фактор и се грижи за промоција на политиките на партијата пред здруженијата на граѓани и други целни групи во општеството. Но го заменува претседателот на партијата само во негово отсуство и по претходно овластување добиено од него. Заменикот извршува и други работи, исто така по претходно овластување добиено од претседателот на СДСМ.


Радмила Шекеринска најави дека нема да се кандидира за функција

Во партијата не сакаат да ги коментираат шпекулациите со имињата на одредени женски и машки кандидати за функцијата заменик претседател, со образложение дека и за оваа позиција, и за другите органи, мора да бидат избрани најквалитетните кадри, бидејќи со кадровскиот избор се испраќа порака за политиките на партијата генерално, особено во пресрет на локалните избори.

Нова енергија и нови политики

Дали новите кадри ќе бидат репрезент на новите политики? Заев, на прославата на тридеценискиот јубилеј на партијата најави промени кои ќе продолжат на мајскиот Конгрес, преку нова енергија и нови политики.

„СДСМ победува, но и постојано се менува, затоа што статус кво е непријател на прогресот. Ги следиме новите трендови на работа и сме прва партија во државата која организираше непосредни внатрепартиски избори. Промените ќе продолжат и со конгресот што ни претстои. Со нова енергија и нови политики продолжуваме напред, со одговорност, државотворност, храброст и посветеност“, порача Заев во април.

По Конгресот, Заев треба да го избере новиот состав на Извршниот одбор на партијата, новите потпретседатели и секретари на партијата.

По Конгресот ќе биде отворена и постапка за избор на кандидати за градоначалници. Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, во април најави како ќе тече тој процес.

„Ќе имаме анкети за секоја општина, но дигиталниот систем што моментално го имаме во партијата овозможува да го анкетираме членството и тоа ќе го примениме и за изборот на градоначалници. Да го анкетираме целокупното членство, да каже кој е најдобриот кандидат за нив“, рече Николовски.

извор: ДВ

Back to top button
Close