Косовската полиција нападната со рачна бомба во близина на српската граница

Косовскиот министер за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, информира дека две возила на косовската полиција, кои пренесувале полициски службеници, утрово биле нападнати во северниот дел од земјата додека се обидувале да ја преземат смената на еден од граничните премини со Србија.

На вонредна прес-конференција претпладнево, министерот рече дека нападот, кој го оквалификува како терористички, бил извршен со рачна бомба и со калашников.

„Денеска во 7:40 часот имаше напад на косовската полиција која требаше да ја преземе смената на граничните пунктови. Овој напад, веќе докажан, со рачна бомба и АК-47, како терористички чин беше извршен за заплашување на полицијата и на косовските граѓани – рече Свечља на вонредната конференција заедно со генералниот директор на косовската полиција Самедин Мехмети.

Министерот додаде оти во областа биле извршени четири напади од различни групи во последните три дена. Како што кажа, вториот напад се случил со фрлање камења кон косовската полиција, а третиот напад бил со огнено оружје и се случил синоќа.

 

„Првиот напад се случи со поставување метални синџири со шилци на национален пат, приближно во исто време како денеска, со цел да се оневозможи работата на полицијата на Косово и истовремено за да се загрозат животите на полицајците. Вториот напад е изведен со фрлање камења кон полициско возило. Третиот напад се случи синоќа, кога во близина на полициски пункт, кој ги обезбедува патиштата на илегалните премини на границата, е пукано од огнено оружје. И денеска директно се нападнати две возила што ги превезувале полициските службеници до и од граничните премини. Тоа е редовна смена на полицијата, која се врши во осум часот, а два од четирите напади се случија токму во тоа време – изјави Свечља.

Министерот појасни дека претходните напади не биле објавени во јавноста за на полицијата да ѝ се даде време да ги открие причините. Но, како што додаде, по денешниот напад, во кој директно биле загрозени животите на полицајците, рече дека станува збор за терористички акт.

„Сега нема сомнеж, ова е терористички напад и оценивме дека е неизбежно оваа информација да не биде споделена со јавноста за да спречи секаков вид дезинформации. Одредени групи поддржани од кого било нема да можат да ја загрозат безбедноста на нашата земја – рече Свечља.

Тој оцени дека ангажирањето на институциите на Косово за воспоставување ред во секој дел од државата станало пречка за Србија. Сепак, додаде, целта на Белград не е да го нападне туку да го дестабилизира Косово.

 

 

Back to top button
Close