Ковачевски: Ако се навратите 15 години наназад, многу лесно ќе откриете кој е Дарт Вејдер на македонското правосудство

Премиерот Димитар Ковачевски остава на имагинацијата и на креативноста, но и на истражувачкиот потенцијал на новинарите да отријат кој се крие позади ликот на Дарт Вејдер во македонското правосудство.

По денешното отпочнување на градежните работи на Коридорот 10, премиерот беше прашан на што и на кого конкретно мислел кога вчера, говорејќи за измените во Кривичниот законик, кажа дека претходно сме имале закон во кој казните биле направени од „Дарт Вејдер“ во македонското судство.

Тој не одговори конкретно на прашањето и ги повика новинарите да откријат на кого мисли.

„Нека се навратат 15 години во нашиот правосуден систем, да видат како се менувани одредени закони, како се монтирани одредени процеси и тогаш ќе можат многу лесно да идентификуваат кој е Дарт Вејдер на македонското правосудство кој потекнува од комунистичкото време“,рече Ковачевски.

Во вчерашната изјава за медиумите, премиерот кажа дека измените во Кривичниот законик, со кои, меѓу останатото, се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување, се направени во согласност со законодавството на ЕУ.

Додаде дека „тоа што ние претходно имавме закон во кој казните беа од некое комунистичко време и беа направени од еден Дарт Вејдер на македонското судство, не значи дека тие работи не треба да се променат“.

Дарт Вејдер e измислен лик во филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“, кој го игра главниот негативец во филмот. Ликот на Вејдер е еден од најпознатите негативци во историјата на филмот и беше рангиран како трет на листата на 50 најголеми филмски негативци на сите времиња изработена од Американскиот филмски институт.

Back to top button
Close