Ковачевски: Гласавме воздржано за резолуцијата за Газа затоа што не е спомнат терористичкиот напад на Хамас


Одлуката за гласање на Резолуцијата на ОН не беше лесна. Одлучивме да гласаме воздржано затоа што резолуцијата ги адресира хуманитарните прашања со што се согласуваме и ги поддржуваме, но не и терористичкиот акт што Хамас го направи на 7 октомври, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Северна Македонија го поддржува хуманитарниот аспект на Јорданската резолуција, непходноста од заштита на цивилите и нивен пристап до основните животни потреби – струја, вода и лекови. Од друга страна, голема слабост на резолуцијата е неспомнувањето на терористичкиот акт на Хамас од 7 октомври кој ние веднаш најостро го осудивме, како и правото на Израел да се брани. Затоа и гласавме за канадскиот амандман на резолуцијата. Одлуката за гласање не беше лесна. Одлучивме да гласаме воздржано затоа што резолуцијата од една страна ги адресира хуманитарните прашања со што се согласуваме и ги поддржуваме, но отсуството на спомнувањето на она што Хамас го направи на 7 октомври не остава простор за поинаков пристап во однос на гласањето. Во секој случај треба да продолжат активностите на меѓународната заедница во обезбедување на долгорочен мир и стабилност на Блискиот Исток. Воедно, ве повикувам да ги погледнете гласањата на финалната резолуција и на канадскиот амандман којшто беше поднесен со цел резолуцијата да биде комплетна, меѓутоа којшто не беше прифатен пред финалното гласање на резолуцијата и затоа голем број држави постапија така како што постапи и нашата држава, рече премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференциај со претседателката на ЕК Фон дер Лајен прашан да ја појасни одлуката на Владата да гласа воздржано за резолуцијата на ОН во врска со ситуацијата во Газа.

Тој појасни дека амбасадорот Љубомир Фрчкоски за гласањето во Генералното собрание на светската организација ставот го добил од МНР кое е, вели, дел од македонската Влада.

Резолуцијата на Генералното собрание на ОН која беше поднесена од Јордан, беше донесена со 120 гласа „за“, 45 држави беа воздржани меѓу нив и Северна Македонија, а 14 гласаа против, вклучувајќи ги Израел и САД, а од Европа Австрија, Чешка, Хрватска и Унгарија.

Резолуцијата на ГС на ОН која не е обврзувачка, но има политичка тежина поради поддршката од големото мнозинство членки на ОН, повикува на „итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје“ меѓу Израел и Хамас и побара непречен пристап на помош до опколениот Појас Газа.

Back to top button
Close