Ковачевски: Изборите ги распишува претседателот на Собранието според рокови определени со закон и мандат на избраните функционери
Премиерот Димитар Ковачевски попладнево од собраниската говорница истакна дека избори во земјава распишува претседателот на Собранието според рокови определени со закон и мандат на избраните функционери.
-Избори во оваа држава согласно закон и Устав распишува претседател на Собранието во рокови определени согласно закон и мандат на избраните функционери. Кога зборуваме за избори, вие треба да се потсетите во тоа време дека избори се организираа така како што ќе и дојдеше на наоѓање на политичката околност на вашата партија и затоа парламентарни избори имавме скоро секоја година или секои две години, а некогаш се случуваше кога едни избори ќе завршат во една година за неколку месеци да има други избори, рече Ковачевски одговарајќи на прашање за изборите од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Премиерот нагласи дека во Министерството за правда постои работна група во која учествуваат претставници од политичките партии освен ВМРО-ДПМНЕ, каде се подготвуваат измените на Изборниот законик согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР.
-Во Министерството за правда постои работна група, во која учествуваат претставници на политички партии, освен ВМРО-ДПМНЕ. Од кои причини? Не знам. Тоа веројатно е наследство од пристапот кој што вашата партија го имаше во текот на споменатите 11 години кога беа дерогирани и институции, систем и закони и кога по политичка волја се носеа заклучоци, процеси кои што се спроведуваа. Таму се прават измените согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и се надевам дека ќе пратите претставници за да можат да ги погледнат и да ги дадат своите забелешки, рече Ковачевски.