Кривичен го одобри обвинението за „Адитив“, се чека датум за почеток на судењето
Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје го одобри обвинителниот акт за случајот „Адитив“ кој се однесува на на криминал во државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), тежок 6,5 милиони евра.

Од Кривичен денеска соопштија дека по одобрувањето на обвинителниот акт е оформен предмет, кој ќе биде распределен кај судија преку Автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС).
По ова ќе биде одреден и датум за почеток на судскиот процес, за што од Кривичен велат дека дополнително ќе информираат преку нивната веб-страница.
„Советот за оценка на обвинителен акт, постапувајќи по Обвинителниот акт со КО бр. 108/24, во јавноста познат како „Адитив“, по ценење на наводите во обвинението и приговорите на обвинението донесе решени со кое обвинителниот акт се одобрува во целост. Согласно одобрениот обвинителен акт оформен е кривично – правен предмет со КОК бр. 73/25 кој преку АКМИС – системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија, а откако ќе биде насрочена главната расправа, терминот ќе биде достапен преку календарот на судење на веб страната на судот“,се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Со обвинителниот акт се опфатени вкупно 31 лице, кои се товарат за повеќе кривични дела.
Истрагата за случајот „Адитив“ беше отворена на 10 декември лани по опсежна акција на полицијата и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а обвинението ОЈО ГОКК го поднесе три месеци подоцна, односно на 27 февруари годинава.
Меѓу обвинетите во предметот се и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, како и неговиот претходник на функцијата, Васко Ковачевски, кој се наоѓа надвор од државата и по кого е распишана меѓународна потерница. Обвинет е и поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, како и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.
Инаку, кога Обвинителството ја отвори истрагата на листата на осомничени, тогаш беа вкупно 23 лица, но таа беше проширена со уште осум лица од Битола, Кичево и Велес, кои беа уапсени на 3 февруари годинава.
Овој случај се најде во фокусот на јавноста кон крајот на април кога во проширена истрага на Обвинителството, меѓу тројцата осомничени се најде и името на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска.
Првата антикорупционерка е осомничена дека преку апликации за пораки му оддавала службени тајни на друг обвинет во случајот.
Во писмено соопштение испратено до медиумите, една недела откако беше приведена и ѝ беа одредени мерки на претпазливост, Димитровска наведе дека комуникацијата со лицето за кое вели дека ѝ е семеен пријател, а кое подоцна било обвинето во случајот, се водела во период пред почетокот на постапката против него.
Дополнително, според неа, разговорите немале никаква поврзаност со случајот „Адитив“.