Куќата на Водно можеби крие многу тајни

Ако е точно дека Мијалков, откако се изгубил од „радарот“ на безбедносните служби, престојувал – намерно не велам дека „се криел“, бидејќи во тој момент бил обичен обвинет кој немал обврска да биде 24/7 „видлив“ за полицијата – во куќа на свој доверлив пријател, влијателен адвокат и бизнис-партнер, на Водно… И ако е точно дека на имотниот лист на таа скапа вила стои дека е компаниска сопственост на деловни ентитети од една позната (и омилена на фамилијата) оф-шор островска дестинација, каде не можете да им влезете во трагата на вистинските сопственици на скапи недвижности… Значи, ако е сето тоа точно – наспроти „педалинките“ што намерно ги вртат некои политички фактори и нивните пропагандни инсталации дека Мијалков тргнал, па дури и стигнал до Белград итн. – тогаш навистина има смисла да се направи темелна истрага за тоа кои се важните детали од општата бру-ха-ха со која се забавувавме целава измината недела.

 

Таа истрага – ако сака Обвинителството – може да одговори на многу важни прашања за тоа како се одвивал „трилерот“ за „исчезнувањето“ на Мијалков и како е тој, конечно, фабрикуван баш на овој начин. Бидејќи, како и во случајот на „никогаш прежалениот“ кики-фрики скандал со „Рекет/(Поткуп)“, целта, некако, повторно ќе да била најголемата политичка штета да му се истовари директно пред портата на дежурниот правно-политички „маченик“ Заев.

Таквата истрага би можела да покаже дека некои од важните „мозоци“ и извршители и на оваа шарада се прилично слични, а имаат за цел да се поткопа, до рушење, напорот за реформа на правосудниот систем, од што директно зависи „природата“ на власта во државава. Не би ме изненадило ако истрагата покаже дека во тие напори учествуваат и високи функционери баш на тој систем.

Настрана што доколку ова сценарио за чирибу-чириба исчезнувањето и појавувањето на Мијалков се потврди како точно, тогаш раскопувањето на „дворот“ на Куќата на Водно може да исфрли на површина скелети од разни други сомнителни операции на поранешниот режим за кои СЈО немаше време и сили (и памет), а сегашните негови обвинителски наследници сигурно немаат голем интерес, да бидат ископани и форензички до крај истражени.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close