Курц: Решението за буџетот на ЕУ е на дофат на рака, ако има подготвеност

– Австрискиот канцелар Себастијан Курц оцени дека решението за новиот буџет на Европската унија е „на дофат на рака“, доколку има подготвеност за тоа.

– Ако има желба, можно е да се постигне договор во секое време, истакна тој во своето обраќање пред Комитетот за прашања на ЕУ во австрискиот Парламент.

Тој исто така рече дека има поголема потреба од дискусија за фондот за обнова предложен од Европската комисија.

Состанокот на Комитетот на ЕУ се одржа утрово по повод вонредниот самит на ЕУ закажан за следната недела во Брисел.

На првиот „физички“ состанок од почетокот на кризата со коронавирусот, лидерите на ЕУ ќе разговараат за планот за обнова.

Европската комисија сака зголемен буџет, како и земање пари од пазарот на капитал за фондот за реконструкција кој би бил „тежок“ 750 милијарди евра.

Курц оцени дека претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, ќе предложи „малку редимензиониран“ буџет на ЕУ.

– Обемот ќе биде помал и тоа е позитивно за земјите нето-уплатници како Австрија. Драго ми е што има придвижување во таа насока, рече тој.

Курц додаде дека сè уште постои голема разлика во однос на Фондот за обнова, односно во која форма ќе се обезбеди помошта.

Тој рече дека земјите од јужна Европа не сакаат речиси никакви критериуми за добивање пари, но Австрија, како и три други земји, бараат критериуми како што се заштитата на климата, подготвеност за реформи и владеење на правото.

Курц смета дека не е целисходно да се даваат пари за да се пополни буџет.

Back to top button
Close