Курти: На север во Косово нема да има Република Српска

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за Хина пред новата рунда дијалог за нормализирање на односите со Србија изјави дека нема да дозволи создавање на некоја форма на Република Српска на северот на Косово, пренесе Бета.

На средбата меѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел на 2 мај, ќе биде претставен нацрт-статусот на општините на северот на Косово, каде живеат мнозинство Срби, што е клучна точка на преговорите.

Курти, во интервју за Хина во петокот на економски форум во грчкиот град Делфи, рече дека се уште не го видел нацртот.

Српската страна има приоритет на формирање на заедница на општини со српско мнозинство на северот на Косово, што е предвидено со бриселскиот договор за нормализација на односите од 2013 година.

Косово, од друга страна, се обидува да ја спречи таа заедница да има извршни овластувања, нагласувајќи дека не сака нешто како Република Српска во БиХ на нејзина територија.

-Со оглед на инсистирањето на Брисел, со задоволство ќе видам каков нацрт подготвиле, иако мислам дека ќе беше подобро да ми го презентираа прво во Приштина. Сепак, ќе се погрижам да се исполни она што веќе беше договорено на 27 февруари во Брисел, постоење на соодветно ниво на самоуправа на српската заедница според највисоките европски меѓународни стандарди за заштита на малцинствата, рече тој.

Back to top button
Close