Ле Пен: Нема да дозволиме на францускиот народ да му се украдат Претседателските избори 

Француската екстремно десна лидерка Марин Ле Пен утринава се врати во својот вообичаено жесток кампањски наратив, со изјава во која нагласи дека Националниот собир „нема да дозволи на францускиот народ да му ги украдат претседателските избори“ по вчерашната пресуда со која практично и се забранува да учествува во трката во 2027 година.

EPA-EFE/GUILLAUME HORCAJUELO

Во коментарите што ги објавија француските медиуми, таа на групниот брифинг – отворен за медиуми утрово изјави дека сака да го „одбрани францускиот народ, кој има право да гласа за кого сака“.

Ле Пен ја спореди пресудата против неа со „нуклеарна бомба“ фрлена врз неа „од системот“, тврдејќи дека „ако користат толку моќно оружје против нас, тоа е затоа што сме на работ на победа на изборите“.

„Нема да дозволиме ова да се случи“, додаде таа.

Ле Пен, исто така, ги обвини судовите за „мешање“ во изборниот процес, велејќи дека тоа ја поткопува способноста на Франција да ја брани демократијата на глобално ниво.

Таа остро ги критикуваше пријавените закани до судиите, коментирајќи ги како „скандалозни“ и „неприфатливи“.

Нејзините коментари доаѓаат неколку часа откако претседателот на Националниот Собир – и потенцијален иден претседателски кандидат – Џордан Бардела најави „мирна мобилизација“ за да и изрази поддршка на Ле Пен, со протести и кампањи со летоци планирани за овој викенд.

Бардела тврди дека онлајн кампањата, започната синоќа, веќе собрала „стотици илјади“ потписи за поддршка, а се очекува слична кампања во наредните денови.

извор: Guardian

Back to top button
Close