„Отворено писмо” на Слаткар: Песна за напредок и чиста намера, но и многу горчина после неа
Во гостувањето кај Стефонатор во емисијата „Полиграф“, Слаткаристика зборува за своите најсилни песни со став, меѓу нив и „Отворено писмо“, преку тоа како денес ги доживува и каква тежина му носат. Зборува за песна која не е само моментална реакција, туку визија за тоа каква држава треба да им оставиме на младите: место во кое ќе сакаат да останат, да работат и да живеат, наместо да заминуваат.

Во „Отворено писмо“, Слаткар зборува за промени, за напредок и за нормална, функционална држава. Песната допира теми како корупција, неправда и чувство дека млад човек мора да си оди за да успее, и поставува прашање дали Македонија може да стане место каде што идните генерации ќе имаат перспектива дома.
Во „Полиграф“ тој објаснува дека денес ваквите песни го допираат уште повеќе, затоа што со години гледа колку овие теми остануваат актуелни. Особено го нагласува делот кој често се игнорира кога се зборува за „Отворено писмо“: никој не го платил за таа песна. Објаснува дека зад неа нема договор, нема хонорар и нема партиска провизија. Тоа е негов личен став, негов избор и негов ризик. На тој начин, „Отворено писмо“ се поставува како авторско, а не нарачано дело, песна што произлегла од убедување, а не од договор.
Во емисијата Слаткар отркива и дека денес оваа песна му носи и горчина. Не затоа што се откажува од суштината, туку затоа што „Отворено писмо“ со години се користи како етикета. Секогаш кога ќе се отвори тема за него, песната се вади како симбол и се користи против него, наместо да биде повод да се зборува за прашањата што ги отвора: напредок, нормална држава, можност младите да изберат да останат тука. Слаткар во „Полиграф“ јасно става до знаење дека му е важно намерите да му бидат чисти. Вели дека верува оти кога човек има чиста мисла и чиста намера, животот му отвора врати што не знаел дека постојат.
„Отворено писмо“ останува токму таков момент во неговата кариера: песна во која јавно кажал како ја гледа иднината на државата, свесен дека тоа ќе му донесе и горчина и отпор, но убеден дека уметникот понекогаш мора да каже каква држава сакаме, а не да молчи.






