Москва ќе возврати „симетрично“ на санкциите на Берлин за дронот во Лајпциг

Русија вети дека ќе одговори „на ист начин“ на германските санкции воведени по неуспешниот напад со експлозивен дрон врз аеродромот во Лајпциг, изјави вечерва за ДПА портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Захарова рече дека одговорот ќе биде соодветен на „претходните еднострани и неправедни санкции“.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт и министерот за надворешни работи Јохан Вадефул претходно ја обвинија Русија за инцидентот со дронот и објавија казнети мерки.
Вадефул изјави дека рускиот конзулат во Бон ќе биде затворен, а договорот за културниот институт Руски дом во Берлин ќе биде раскинат. Москва веќе неколку пати повтори дека како одговор на затворањето на Рускиот дом – прашање за кое се дебатираше и претходно – Гете институтот ќе мора да ја прекине својата работа.
Захарова рече дека Москва ја смета Германија за одговорна за вмешаност во терористички напади врз руски граѓани. Германија е најголемиот поддржувач на Украина.
– Берлин спонзорира тероризам – рече таа, мислејќи на испораките на оружје од Германија и милијардите помош за Украина.
Русија негираше вмешаност во инцидентот и тврдеше дека тоа е провокација која „исклучително им служи на целите на Киев и на милитаристичкото крило на европската политичка класа“.
На Украина и на европските влади им беа потребни аргументи за да продолжат да насочуваат „неограничени финансиски ресурси во рацете на коруптивен режим“ во Киев, се вели во претходната изјава од руската амбасада во Берлин.






