Левица: Нова бизнис шема на баџанакот на Мицкоски во Струмица – од СГС на Мијалков преку „Рубикон“, сега до „Линк-Секјурити“


Левица бара Министерството за внатрешни работи, Комората за приватно обезбедување, Општина Струмица и организаторите на „Астерфест“ да ја објават документацијата поврзана со новоформираната агенција за обезбедување „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“ ДООЕЛ, за која партијата поставува прашања околу начинот на кој почнала да работи и нејзините наводни политички и бизнис врски.

Од партијата наведуваат дека „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“ е основана на 7 април 2026 година, а како управител е впишан Горан Филиповиќ.

Левица тврди дека до нив стигнале информации оти Филиповиќ е близок со Дејан Ефтимов, началник на СВР Струмица, кој на функцијата бил поставен во февруари 2024 година.

Партијата дополнително наведува дека, според информациите со кои располага, само четири месеци по основањето „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“ била ангажирана за обезбедување на фестивалот „Астерфест“.

Оттаму посочуваат дека ова отвора дополнителни прашања бидејќи годинашното издание на фестивалот е финансиски поддржано од Општина Струмица и Агенцијата за филм.

Левица бара министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да одговори кога точно МВР ѝ издало дозвола за работа на агенцијата, со кои лиценцирани работници бил исполнет законскиот услов за вршење физичко обезбедување и кој ја ангажирал фирмата за фестивалот.

Од партијата се повикуваат на законските одредби според кои регистрацијата на фирма сама по себе не е доволна за вршење услуги на физичко обезбедување, туку е потребна соодветна дозвола и исполнување на пропишаните кадровски услови.

Левица наведува и дека при проверка на јавно објавената листа на агенции-членки на Комората за приватно обезбедување не ја пронашле „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“.

Поради тоа, партијата бара надлежните институции да ја објават документацијата со која, како што велат, би можело да се утврди дали агенцијата ги исполнувала сите законски услови кога почнала да обезбедува настани.

Во соопштението Левица го споменува и Јорданчо Јанев – Дано, кого го посочува како баџанак на премиерот Христијан Мицкоски.

Од партијата наведуваат дека Јанев има повеќе бизниси во Струмица, меѓу кои „Дано-транс“ и „Интерпласт груп“, а посочуваат и дека фирмата „Шалом-Фуд Груп“, во која, според нив, тој е сопственик, по промената на локалната власт добила договор од буџетот на Општина Струмица за свечен ручек.

Левица тврди дека до партијата стигнале информации кои отвораат прашања за евентуална поврзаност на овој бизнис-круг со новата агенција за обезбедување, но во соопштението не презентира докази со кои би се потврдила таква поврзаност.

Поради тоа, партијата јавно прашува дали Јанев има директна или индиректна улога во „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“, нејзиното финансирање, обезбедувањето клиенти или воспоставувањето деловни контакти.

Во соопштението Левица прави паралела и со претходни случаи со агенции за обезбедување кои во јавноста биле поврзувани со политички и безбедносни структури.

Партијата го споменува СГС, која во минатото во јавноста беше поврзувана со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и агенцијата „Рубикон“, која ја обезбедувала дискотеката „Пулс“ во Кочани. За случајот со „Рубикон“ се води судска постапка, а Левица се повикува на наводите на Обвинителството во однос на улогата на Александар Нацев.

Од Левица бараат МВР, Комората за приватно обезбедување, Општина Струмица и организаторите на „Астерфест“ да ја објават целокупната документација за „ЛИНК-СЕКЈУРИТИ“, со цел, како што велат, јавноста да добие одговор дали фирмата ги исполнувала сите услови за работа и дали постојат политички или бизнис влијанија зад нејзиниот ангажман.

Back to top button
Close