Ленче Ристоска по пресудата за „Талир 2“: Целта е да се отежне заплена на имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Текот на настани во врска со предметот „Талир 2“ одат во насока на отежнување на можноста обвинителството да бара конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во посебна постапка. Ова попладнево го соопшти Ленче Ристоска, јавната обвинителка која си поднесе оставка откако и беше одземен токму овој предмет, набргу по изборот на актуелниот државен јавен обвинител Ненад Савески.
„Сите овие околности и ваквиот тек на работите, за мене како да го потврдуваат моето уверување дека овој предмет ми беше одземен за да можат заинтересираните страни да стасаат до посакуваниот исход, а тоа е избегнување на конфискацијата“,
напиша Ристоска.
Што е „Талир 2“?
Околностите Ристоска ги образложи во објава на својата Фејсбук страница. За контекст, предметот „Талир 2“ се води против поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на партијата Кирил Божиновски.
Рочиште за „Талир 2“
Низ доказите, обвинителството тврдеше дека почнувајќи од 2009 година, партијата прво го откупила земјиштето околку старото партиско седиште. Потоа, со чести измени на Деталниот урбанистички план за локацијата, на парцелата се вцртува неколкукратно поголем објект од првичниот.
Следно, партијата склучува договор за соинвеститорство со градежната компанија „Бетон“. „Бетон“, кој во тој момент е најголем добитник на државни тендери за проектот „Скопје 2014″, се обврзува на свој трошок да изгради објект на парцелата. Дел од објектот треба да задржи за себе, а дел од 43% да му го даде на ВМРО-ДПМНЕ без надомест.
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ изградено од „Бетон“
Градежната фирма го изгради само делот за партијата, каде денеска и се наоѓа нејзиното седиште. Дополнително, „Бетон“ му платил на ВМРО-ДПМНЕ два милиони евра бидејќи вкупната површина предадена на партијата била за 5% помала од првично договорената.
Искористување или пречекорување
За дејствијата преземани низ годините на изградба на т.н. „Бела палата“, обвинителството го товари Никола Груевски за делото – злоупотреба на службената положба и овластување. Кривичниот суд во Скопје еднаш веќе го осуди за истиот предмет, на шест и пол години затвор. Во повторената постапка, по насоките на Апелацискиот суд Скопје, го ослободи.
Основен кривичен суд – Скопје
Во вчерашното соопштение и при изрекувањето на пресудата, судот објасни дека поради измените на Кривичниот законик од 2023 година, обвинителството го сменило дејствието на извршување на делото од „искористување“ на службената положба во „пречекорување на овластувањата и неизвршување на службената должност“. Покрај тоа била вметната и „намерата“ како посебен субјективен елемент.
Токму врз основа на овие исти докази, овој суд еднаш донесе осудителна пресуда, за сега обвинетиот Н.Г. и за Кирил Божиновски, а на кои како дејствие на извршување на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, им се ставаше на товар дека го сториле со искористување на службената положба и овластување, кое според важечкиот КЗ, во време на донесување на пресудата беше еден од трите облици на сторување на предметното кривично дело. Меѓутоа, со изменетата изрека на обвинението, усогласено согласно измените на КЗ од 2023 година, сега обвинетиот Н.Г. се товари дека ова кривично дело го сторил со пречекорување на границите на своите службени овластувања и не ја извршил својата службена должност, а со намера за правното лице -политичката партија ВМРО ДПМНЕ да биде прибавена противправна имотна корист,
соопштија вчера од Кривичниот суд.
Па, врз основа на истите докази, иако судот пред четири години бил уверен во „искористувањето“, сега не е во „пречекорувањето“ или „неизвршувањето“ на службената положба на обвинетите.
Пари и намера
Поранешната обвинителка Ленче Ристоска се согласува дека измените на Кривичниот законик имале влијание врз предметот. Потоа и дека обвинителството може да предлага друга квалификација или модификации на описот на обвинението, врз основа на фактичката состојба од непроменетите докази.
Ленче Ристоска, поранешна обвинителка
Но, една од измените на Кривичниот законик, потсетува таа, повлекла и измена во обвинението кое судот воопшто не го споменал во вчерашното соопштение. Тој дел, според неа, воопшто не е засегнат од измените на членот 353.
Изменетото обвинение содржеше и дејствие на извршување коешто не постоеше во првичната верзија — обврската на Груевски, како претседател на партијата, да ги врати примените средства од „Бетон“ во Буџетот и да ја надомести разликата од вредноста на објектот наспроти реалната вредност на земјиштето, токму поради несразмерот што судот веќе еднаш го утврди во претходната пресуда. Ова дејствие директно одговара на измените на Кривичниот законик, бидејќи се однесува на неизвршување обврска пропишана во Законот за финансирање на политичките партии, а овој облик не беше засегнат од декриминализацијата и одговорноста по членот 353 опстојува, особено ако се имаат предвид доказите дека имотот и користа завршила кај политичката партија ВМРО ДПМНЕ.
Притоа судот експлицитно наведува дека доказите останале исти како во првата постапка, дека својата анализа и оцена на тие докази ги задржал непроменети и дека останал „конзистентен во одлучувањето”. Но, од истиот тој доказен материјал, со иста оцена, судот еднаш изведе осудителна пресуда, а сега ослободителна. Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода — објаснувањето дека сето тоа е последица само на измените на КЗ не ја отстранува оваа противречност, бидејќи измената на законскиот опис не менува што докажуваат доказите. Ова особено за делот од обвинението кој се однесува на законската обврска на Груевски по Законот за финансирање на политички партии, кој во образложението што судот јавно го објави воопшто не е спомнат,
пишува Ристоска.
Поранешната обвинителка реагира и на објаснувањето на судот дека во изменетото обвинение е вметната „намерата“ како субјективен елемент во извршувањето на делото.
„Во првата постапка, врз истиот доказен материјал, судот донесе осудителна пресуда за умислено дело — што подразбира дека доказите за целта и намерата со која обвинетите делувале беа дел од предметот и водеа до осуда. Токму затоа тешко се одржува сегашната констатација дека немало докази за намерата: истиот доказен материјал веќе ја адресираше целта заради која обвинетите ги презеле дејствијата, односно намерата со која делувале и за неа стана збор уште во првичното обвинение“,
додава Ристоска.
„Спас“ од конфискација
Предметот, објаснува Ристоска во својата објава на Фејсбук, застарува во август годинава. Тоа значи дека и во случај на жалба, Апелацискиот суд нема да има доволно време да одлучи мериторно. Конфискацијата на имотот, додава, е можна и кога кривичното гонење ќе застари. Но, не е можна по правосилна ослободителна пресуда.
„Затоа ваквиот тек на настаните му ја отежнува можноста на обвинителството да бара конфискација во посебна постапка, при првостепена ослободителна пресуда, и клучно е прашањето дали ќе следи жалба од обвинителството и дали во фаза на жалбена постапка ќе се бара од Апелациониот суд да се произнесе по однос на конфискацијата, иако кривичното дело ќе биде застарено“,
пишува Ристоска.
При крајот на својата објава Ристоска потсетува дека на едно од последните рочишта за предметот застапниците на ВМРО-ДПМНЕ побрале одлагање поради нивно отсуство. Иако присуството законски не им е задолжително, обвинителството не се спротиставило на барањето, а судот не реагирал по службена должност. Рочиштето било одложено. Сите тие настани, додава Ристоска, придонеле предметот да влезе во тесен временски интервал и целата постапка да заврши само со првостепена одлука.
„Единствена цел на ваквото постапување е отежнување на понатамошната постапка за конфискација на имотот. Затоа и мислам дека осудата на Груевски во овој случај е од секундарен интерес за ВМРО-ДПМНЕ — кривичниот прогон така или онака ќе застареше. Она што е суштинско е дека имотот што го стекна партијата е директна последица на дејствијата на Груевски утврдени во постапката. Токму поради тоа, исходот на кривичниот дел и судбината на имотот не можат да се гледаат одвоено: со ослободителна пресуда отпаѓа и основата за конфискација во кривичната постапка. Наративот дека пресудата во едниот дел е праведна, а во другиот само последица на измените на КЗ, ги раздвојува двете работи што правно се неразделни“,пишува Ристоска.
Своето обраќање, Ристоска го завршува со очекување дека обвинителството ќе поднесе жалба.






