Летонија испраќа ракети „Стингер“ во Украина, а Шпанија тенкови „Леопард“

Летонија ќе и испорача ракети „Стингер“ на Украина, а Шпанија борбени тенкови „Леопард 2“ како нова западна воена помош за таа земја во одбрана од Русија.

Сите противвоздушни ракети „Стингер“ кои се уште се во вооружените сили на Летонија треба да бидат доставени до Киев, соопшти Министерството за одбрана на таа балтичка земја во ЕУ и НАТО. Освен тоа, во Летонија ќе има и поинтензивна обука на украинските војници.

„Латвија одговори на барањето на Украина за испорака на системи за противвоздушна одбрана и одлучи да и ги даде на Украина сите преостанати системи „Стингер“. Ќе направиме се да ги испорачаме што е можно поскоро“, изјави министерката за одбрана Инара Мурниеце. Таа не откри колку и кога ќе бидат испорачани.

Помош најави и Шпанија, која наскоро на Украина ќе и испорача шест тенкови „Леопард 2“.

„По ова ќе следи втор пакет со уште четири тенкови“, изјави министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес за германски „Функе“ во интервју објавено денеска.

„Ќе ја поддржуваме Украина се додека ѝ е потребно. Тоа вклучува хуманитарна помош, прием на бегалци и снабдување со одбранбено оружје“, додаде тој.

Back to top button
Close