Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор


По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии. Новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. И натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.

Според вработените, секоја година трае истото лудило и секоја година во март и април остануваат без плати. Велат дека се разочарани од Министерството. Упатија порака до министерот Зоран Љутков преку транспарент со зборовите „Извини Зоки, морално (ли) беше!“.

-Бараме да се почитуваат колективните договори и законите. Бараме достоинствени услови за работа и достоинствен однос кон народот, кој што е дел од самата култура како величие- публиката. Бараме транспарентност и професионално управување со културните институции, ослободени од партиска контрола. Бараме стратегија за развој на културата и Закон за култура со учество на културните работници во нивното изготвување. Бараме соодветни унапредувања на вработените и валоризација на стручните звања. Бараме крај на понижувањето, истакна Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ на денешниот протест.

Додека вработените во културата протестираа Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков.

Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.

Back to top button
Close