Лукаревска: Задоцнета реакција на институциите за западнонилската треска

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во гостувањето во „Вести плус“ на Канал 5 посочи дека податоците за смртните случаи од западнонилската треска се сериозен аларм, додека реакцијата на институциите е задоцнета, и во преземањето мерки, но и во делот со прскањето. Власта потфрли во менаџирањето со западнонилската треска, но и во справувањето со труењето со вода во Гостивар – се вели во соопштението од СДСМ што МИА го објавува интегрално.
„Според статистиката од 2011 година до 2025 година ние имаме само 5 смртни случаи на западно-нилска треска. Тоа се вкупно 14 години. А сега, во многу краток временски период, имаме исто толку смртни случаи. Паралелно со сето тоа, гледаме додека нашите врвни епидемиолози даваат добронамерни совети кон граѓаните, секако и по барање на медиумите, за да се слушне, за да се разберат одредени непознаници, бидејќи ова не е нешто старо, ова е нова состојба, премиерот веднаш ги нападна дека шират одредени дезинформации“, рече Лукаревска.
Лукаревска посочи дека наместо системска превенција, од власта се слушаат различни објаснувања – од базени и канализации, до застоена вода, а на крајот и вазните на гробиштата.
„Од друга страна, слушаме изјави од владини претставници дека треба да се испразнат базените, канализациите и така натаму, застоена вода да нема, и на крајот да слушнеме дека вазните на гробиштата се исто така криви за тоа што имаме повеќе случаи за западнонилска треска“, рече Лукаревска, посочувајќи дека реакцијата е задоцнета, особено во делот на прскањето.
Но, потфрлањето не е ограничено само на западнонилската треска. Сериозен пример е и случајот со труењето со вода во Гостивар, каде што наместо единствена и транспарентна информација, граѓаните добиваат различни извештаи од различни институции.
„Многу потфрлија и во ова труење со вода во Гостивар. Значи, ние имаме 5.000 случаи, од друга страна гледаме префрлање на одговорноста кај надлежните институции, односно Министерството за здравство вели: „Јас ќе ви дадам извештај само она кое што е во мој домен“, а Агенцијата за храна и ветерина вели: „Ние ќе дадеме извештај кој што е во наш домен“, меѓутоа не можеме се и да испренесеме пред јавноста. Институтот за јавно здравје со трета приказна, четврта приказна, други институции, и така натаму. Граѓаните не се задоволни од кумулативни извештаи, или од половични извештаи, или од четвртини извештаи од секоја институција. Треба да седнат на прес-конференција, сите оние кои што се надлежни, и да ја кажат реалната состојба, макар и тоа да е најлошо, меѓутоа општеството, граѓаните, тоа мора да го знаат. Ние поднесовме кривична пријава и очекуваме дека ќе има разврска“, потенцираше Лукаревска.






