Мајорка ги затвора улиците со кафулиња поради пијаните туристи, стравувајќи од ширење на коронавирусот
Регионалната влада на Балеарските Острови нареди затворање на три популарни улици во Мајорка, за да ги спречи пијаните туристи, поради кои им се заканува ново избувнување на коронавирусот.
Мерката е воведена откако неколку видеозаписи покажаа како британски и германски туристи се забавуваат без заштитни маски во преполни кафулиња и ноќни клубови, а некои дури скокаа на паркиран автомобил.
Затворени се три познати улици
Како резултат на тоа, Владата затвори три познати улици со кафулиња, ресторани и други места за забава.
„Со оваа мерка сакаме да го спречиме дивјачкото однесување на малцинството, што може да загрози сè што досега направивме за повторно да го отвориме туризмот и да го направиме безбеден за туристи“, соопшти Владата на Балеарските Осторви што се наоѓаат во Средоземно Море.
Балеарските острови – Мајорка, Ибица, Менорка, Форментера и Кабрера – први добија дозвола од шпанската Влада за влез на странски туристи. Минатиот месец беа дозволени посебни туристички летови само од Германија до Балеарските Острови, а потоа на 21 јуни цела Шпанија ги отвори границите.
Шпанија затворена речиси 100 дена
Шпанија, една од најпогодените земји со коронавирусот, беше затворена речиси сто дена. Досега се заразени 257.494 од жителите, а починати се 28.413 лица.
Местото Магалуф на островот Мајорка е познато по дивите забави за младите британски туристи. Улицата Пунта Балена со своите тераси, кафулиња и ресторани беше затворена со одлуката на регионалната влада.
Во Плаја де Палма, оддалечена 18 километри, исто така познато место за туристички забави, се затворија две улици познати како Улица на пивото (Calle de la cerveza) и Улица на пршута (Calle del jamón).
Балеарските Острови минатата година беа посетени од 14 милиони туристи и се една од најпопуларните летни дестинации во Шпанија. Владата потоа воведе задолжително носење маски за лице и одржување дистанца за да ги заштитат туристите и локалното население од коронавирусот.
Страв и во Германија
Во Германија, пак, се објавени видеозаписи од неодговорни туристи, па постои страв дека можат повторно да го донесат вирусот во земјата. Германскиот министер за здравство Јенс Шпан предупреди дека опасноста од вториот бран на вирусот е реална и граѓаните не смеат да се релаксираат.
Епидемиологот Карл Лаутербах, социјалдемократ во германскиот Парламент, за весникот „Ди Велт“ изјави дека туристите при нивното враќање од Мајорка во Германија треба задолжително да се тестираат за да се избегне ширење на коронавирусот.