Мацут предложи распуштање на српското Собрание и распишување избори

Српскиот премиер Ѓуро Мацут предложи на вонредна седница на Владата на Србија распуштање на Парламентот и распишување парламентарни избори.
„Изборите никогаш не биле знак на слабост на државата. Изборите се доказ за непоколебливата сила на демократска Србија, која безрезервно верува во својот народ. И ние веруваме во граѓаните на Србија, веруваме во обединета Србија. Затоа предлагам Владата на Република Србија, во согласност со Уставот, да му предложи на претседателот на Републиката да го распушти Народното собрание и да распише избори за пратеници“, рече Мацут, обраќајќи се на седницата.
Тој рече дека изборите се можност за зајакнување на институциите, за намалување на тензиите и отфрлање на политиката на исклучување и враќање на политичката борба од улиците во институциите.
Мацут додаде дека до изборот на нова влада, владата во овој состав ќе продолжи да ги извршува своите должности со иста енергија, одговорност и со исто темпо, и ќе ги постигне поставените цели и ќе придонесе за понатамошен напредок на Србија.
„Бидејќи мандатот има крај, но одговорноста кон државата продолжува секој ден. Убеден сум дека оваа влада ќе продолжи по патот што го тргна во иднина“, рече Мацут.
Седницата беше затворена за медиумите по неговото обраќање, кога се очекува предлогот да биде усвоен, а медиумите најавуваат дека премиерот ќе соопшти што е одлучено по седницата.





