Маката на ЕУ со „враќањето“ на нацијата

„Музејот на европската историја“ е основан во Брисел по иницијатива на Европскиот парламент. Преку своите трајни поставки и актуелни изложби, музејот има цел да ја претстави историјата на Европа и процесот на европска интеграција. Идејата за ваков музеј првпат беше претставена во 2007 година. Според замислата на стручниот совет составен од европски историчари, музејот требаше да биде место на сеќавање на секојдневниот живот и културната историја на Европејците. Намерата беше да се нагласи европското заедништво, а не националните истории на поединечните земји-членки, со цел да се зајакнува европскиот, а не националниот идентитет.

Првиот обид за создавање ваков музеј потекнува од деведесеттите години, но пропадна поради големите разлики меѓу земјите-членки околу прашањето од каде треба да започнува европската историја. Првичната идеја беше таа да започне со Карло Велики, бидејќи концептот на европското обединување се развиваше паралелно со француско-германското помирување, а Карло Велики има значајно место во историското паметење на двете нации. На тоа се спротивставија Грците, кои сметаа дека европската историја мора да започне со Антиката. Поради тоа, дури во 2008 година беше постигнат консензус музејот да се фокусира на 20 век и на модерната европска историја на помирување меѓу народите.

Во 2011 година беше презентиран концептот изработен од интердисциплинарна комисија, која фокусот го стави на настани и процеси од европско потекло што и денес се значајни за Европа. Идејата за „Музејот на европската историја“, кој беше отворен во 2017 година, потекна од Ханс-Герт Петеринг (ЦДУ), претседател на Европскиот парламент во 2009 година.

Критики за „Музејот на европската историја“

Сепак, концепцијата на музејот наиде на жестоки критики од политичарите од Вишеградската група. Според нив, во „Музејот на европската историја“ Европа е прикажана претежно од перспектива на Западна Европа. Полските политичари критикуваа дека борбата на Полска за независност не е доволно детално претставена, иако во концептот на музејот јасно е наведено дека националните истории не се дел од трајната поставка. Според нив, недоволно била нагласена и поддршката што папата Јован Павле Втори ѝ ја давал на полската опозиција, иако, според кураторите, неговата улога е јасно претставена.

Истовремено, во музејот јасно е истакната одговорноста на Германија за геноцидот и Холокаустот за време на Втората светска војна. Тоа се случуваше во период кога владата во Варшава донесе закон со кој се санкционира секој што би му припишал соодговорност за прогонот на Евреите на „полскиот народ и полската држава“.

Слични критики кон музејот пристигнаа и од Прага во ноември 2017 година, од „Платформата за европско паметење и совест“ (Platform of European Memory and Conscience). Според оваа организација, музејската поставка била под влијание на „неомарксистички толкувања на историјата“ и промовирала визија за „бескласно општество“ со симпатии кон комунизмот. Според нив, изложбата повикувала на создавање на „homo sovieticus” – луѓе без национална припадност, хомогена маса составена од идентични народи. Во ова толкување, Брисел бил „новата Москва“, а Европската Унија работела на „укинување“ на нацијата.

Се разбира, историјата на европската интеграција не може да се раскаже без да се нагласи значењето на Конрад Аденауер, Робер Шуман и Шарл де Гол. Затоа нивните бисти се изложени во една од музејските витрини. Европската Унија е незамислива без нивниот придонес, без оглед на тоа што ова не им се допаѓа на некои земји кои во тоа време биле дел од Варшавскиот пакт.

„Враќањето“ на нацијата во ЕУ.

Во едно предавање за „Европскиот сон“, одржано во Виена во 2022 година, германската културолошка теоретичарка Алајда Асман ја користи реакцијата на делегацијата од Вишеградската група како пример за „враќањето“ на нацијата во Европската Унија. Иако концептот на музејот свесно ги нагласува елементите што ги поврзуваат европските народи, политичарите од Вишеградската група сметале дека во него недостига она што за нив е „најважно и најсвето“ – сопствената нација.

Според Асман, Полска долго време се доживувала како жртва на нацистичка Германија и на Советскиот Сојуз. По распадот на СССР, таа во Европската Унија гледала гарант што ќе ѝ помогне повторно да ја зацврсти својата национална држава. Според Асман, истото важи и за други постсоветски нации кои денес се членки на ЕУ. По 1990 година тие ја граделе својата национална меморија преку музеите, претставувајќи се како жртви на сталинизмот, но честопати премолчувајќи ја сопствената соработка со Хитлеровиот режим.

Според Асман, овој пример ја покажува разликата во разбирањето на поимите „Европска Унија“ и „нација“ меѓу различните држави-членки. Додека за постсоветските земји од Источна Европа ЕУ претставува гаранција за заштита на сопствената национална држава, во Германија зборот „нација“ е поим што многумина би сакале да го отстранат од политичкиот речник. Тоа, според неа, е резултат на историските лекции што Западна Германија ги извлече по Втората светска војна преку критичко соочување со сопственото минато. Наспроти тоа, во Источна Германија (ГДР) такво соочување било ограничено, што според Асман делумно објаснува зошто денес дел од населението покажува симпатии кон АфД.

Со механизмот на вето против историското паметење

Сознанието дека државите од поранешниот Варшавски пакт често се претставуваат како жртви на советскиот комунизам, а ретко се соочуваат со сопствената улога и соработката со Хитлеровиот пакт, сведочи дека тие не ги следат во целост примерите на постарите западноевропски членки во критичкото преиспитување на сопственото минато.

Напротив, во рамките на ЕУ тие открија можност преку механизмот на вето да вршат притисок врз соседните земји-кандидати и да бараат политички отстапки, иако токму тие соседи во своето историско паметење ги паметат како сојузници на Хитлеровиот пакт. Европската Унија, барем засега, се покажува немоќна пред овој феномен.

Особено е впечатлив случајот со С. Македонија, каде што Бугарија успеа долгогодишниот билатерален спор околу националните наративи – спор што го практикуваше уште во периодот на комунизмот – да го вгради во преговарачката рамка на ЕУ за С. Македонија. Така, барем од перспектива на Македонците, Европската Унија за Бугарија стана гаранција дека нема да мора критички да се соочи со својата улога во Втората светска војна.

Засега ЕУ нема ефикасни механизми за спречување на ваквото „инфилтрирање“ на националните наративи во заедничкиот европски наратив. Дополнително, со својата изјава дека не го признава македонскиот јазик, Бугарија влегува во судир со еден од најстарите принципи на Европската заедница – принципот на рамноправност на националните јазици, кој е утврден уште со првите прописи донесени во 1958 година.

Back to top button
Close