Македонија некогаш и денес
Почитувани читатели, како вљубеник во својата татковина, кон која чувствувам исконска љубов, почит и грижа, си земам право да направам споредба што сме биле, кои сме биле, каде сме биле и што сме од сето тоа денес.

Историското -културно наследство на Македонија е наш аманет, наше драгоцено и неприкосновено наследство од нашите пра-пра родители.
Несомнено е дека светот не би знаел за нас Македонците и Македонија доколку во светската историја не се појавија таткото Филип и синот Александар. Нема човек на земјината топка кој не ги познава овие две клучни фигури од античката историја. За жал, таа древна македонската држава се распаѓа и нашава Македонија станува дел од големите светски империи како Римската, Византиската и Отоманската империја. Античката држава Македонија во сите овие подоцнежни империи идентификувана е како територија.
Поривот за возобновување на македонската држава, вековно присутен, е природно чувство кај сите кои се чувствуваат како Македонци, но за жал тегобна била историската голгота за нејзината државност.
Во 19 и 20 век турската империја влегува во фаза на распаѓање. Балканот за оваа империја претставувал мост за спојување со тогашните силни европски држави како Франција, Австро-Унгарија, Прусија, Шпанија. Србија, Бугарија и Грција, кои поткрепени од тогашните силни империјалистички земји добиваат автономија од страна на Турската империја. Македонија и Македонците за жал сме ја немале таа привилегија и токму овие три автономни држави во почетокот на 20 век ја парчосуваат Македонија асимилирајќи го населението кое живее на овие простори. Убеден сум дека денеска многу автохтони Македонци се претопени во Грци, Бугари и Срби.
Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, меѓу нас, Македонците се појавува силна желба за возобновување на македонската држава. Тогашните моќни империјалистички сили, преку Балканските војни, а потоа и со Првата светска војна ја поделиле територијата на Македонија меѓу Србија, Грција и Бугарија.
Но непокорот македонски ќе продолжи и по мое лично видување единствен човек кој ги разбра поривите на нас, Македонците, дека заслужуваме сопствена држава, беше Јосип Броз Тито.
Народно ослободителната борба во текот на Втората светска војна, водена против фашистичката оска на Бугарите, Германците и Италијаните во Македонија, беше показател дека ние, Македонците сакаме и се бориме да имаме сопствена држава. После Втората светска војна станавме држава која влезе во федерацијата на Југославија како Р.Македонија
Македонија стана држава со заостанато земјоделско и сточарско производство, нo како рамноправен член на бившата ФНРЈ и СФРЈ, Македонија доживеа вистински индустриски бум.
За само 45 години заедничко функционирање во оваа федерација, Македонија се стекна со индустриски и енергетски капацитети кои денес сѐ уште се во функција.
Во бившата федерација, ние Македонците, имавме чувство дека сме малку запоставени во споредба со останатите републики. Дали било така или не, не можам да тврдам со конкретен одговор бидејќи никогаш не учествував во политичкиот живот на таа федерација.
Како Градоначалник на Град СКопје во 2008 година имав средба со дипломираните учители од првата учителска школа во Македонија кои празнуваа полни 60 години од нивното дипломирање.
Впечатокот и денеска ми е длабоко врежан, каков бил односот на тогашната ФНРЈ и раководството на Република Македонија поврзано со образованието.
После Втората светска војна 80% од македонската популација била неписмена. Брзото школување на тогашните учители и нивното распоредување низ цела Македонија била само со една цел – да го описмени нашиот народ.
При средбата во 2008 година со првите дипломирани учители, слушнав прекрасни стории за тоа како учителите биле посветени да го описменуваат нашиот народ одејќи по зафрлени и заостанати села насекаде низ Македонија. Описменувањето на мојот народ овозможил и брза индустријализација на Македонија. Немаше индустрија која не беше застапена во нашата држава, почнувајќи од црна металургија, па обоена металургија, цементна индустрија, хемиска индустрија, преку индустрија на стакло, па сѐ до индустрија на кожа и кожни производи, текстилна и др. Сета оваа разновидна и моќна индустрија, вклучително со денешните носечките енергетски капацитети, се создадени во бившата федерација. Нашите соседи Бугарија, Грција и Албанија споредбено со нашата Македонија во тој период, доцнеа во нивниот економски развој, поточно заостануваа. За секој искусен стопанственик фактот што за 45 години една заостаната земјоделско-сточарска земја се разви во средно развиена индустриска земја, е огромно достигнување.
После распадот на бившата федерација, Македонија продолжи по својот пат како независна држава. За време на 33 годишното самостојно функционирање на Република Македонија се чувствува големо стагнирање и уназадување во многу сегменти од нашето живеење. Девастирано образование и здравство и непрепознатливо стопанство се состојби зад кои стојат факти и кои се за жал, сѐ поприсутни меѓу нас граѓаните на Република Македонија. Корупцијата и криминалот во очите на целата јавност се веќе ,,озаконет бренд” на Република Македонија! А ние сѐ уште молчиме и молчиме. Имам чувство дека народот сѐ разбира и знае, а дека молкот е всушност пасивен вресок, крик на неправедно осиромашениот граѓанин.
Сакаме да влеземе во ЕУ, меѓутоа ништо, ама баш ништо не правиме да ги имплементираме европските вредности во нашето секојдневие, каде првенствено треба да владее правото и правната држава. Секојдневно се соочуваме со јасни пораки од нашите европски пријатели дека не нѐ сакаат во нивното семејство, бидејќи во Македонија владеат корупција и криминал, а правниот систем, правото и правната држава, се мисловна именка. Кој е виновен за ваквата состојба во Македонија и дали можеме кон некого да го впериме нашиот прст? Дали сме сигурни дека темелите на кои е изградена денешнава македонска држава се вистинските или пак нешто е згрешено уште при нејзиното создавање?
Мудроста вели „криво насадено дрво , криво расте”. Очигледно е дека Македонија во ова 33 годишно патување кон НАТО и ЕУ го изгуби компасот.
Станавме непрепознатлива држава во очите на сопствените граѓани, а уште повеќе во очите на нашите соседи и потенцијални пријатели по светот.
Која е иднината на Македонија?
Нефункционалноста на државата најсилно ја чувствуваат нејзините граѓани. Многумина од граѓаните на Република Македонија не веруваат дека нашава држва ќе опстои. Ваквата перцепција е сеопшто присутна. Меѓународниот фактор има огромно влијание врз структурите на системот во нашава држава. Чувството дека не сме самостојна држава е исто така многу силно.
Се прашувам, а ве прашувам и вас почитувани читатели, што треба да сториме за да се вратиме во колосекот на една нормална држава?
Според мене, мора да се случат фундаментални промени. Мултиетничноста, која се практикува во Република Македонија да биде порив за брз напредок на државата, со жалење констатирам дека станува кочничар. Национализмот помеѓу етничките заедници, полека, но сигурно зајакнува, а по вокација национализмот и нејзината реторика се главните елементи кои водат кон нестабилност, бесперспективност и можни воени конфликти. Денешната Македонија, која ја чувствувам како свое чедо, имам чувство дека е експериментално глувче во рацете на развиените земји, ЕУ и САД. Во Македонија и македонскиот Устав имплементираат сѐ што тие самите кај себе ниту на сон не можат да го замислат. Го имаме Бадентер, балансер и небулозни притисоци од нашите соседи! Променивме име по желба на Грција! Се прави притисок за вметнување на Бугарите во Уставот на Република Македонија, кои по бројка не поминуваат повеќе од 3.500 регистрирани Бугари, а од друга страна Бугарите не го признаваат македонски идентитет! Вината за сето ова што ни се случува ја гледам во нас, граѓаните на Република Македонија , посебно во македонскиот и албанскиот етникум, што се дозволи сето ова. Водени од поривите за криминал и нечесно богатење, дисфункционалноста на мултиетничка Македонија се покажа на виделина со актуелната Влада, која без трошка совест го ограбува сопствениот народ . Треба јавно да кажеме ДОСТА Е! Треба да покренеме иницијативи и активности за борба против вакво недолично владеење со државата.
Трифун Костовски






