ИРЛ- Македонија во мрежата на убиен турско-кипарски мафијаш

Тајкунот од Северен Кипар, Халил Фаљали, беше убиен во 2022 година. Осомничен е дека основал нелегална онлајн обложувачка империја. Долгогодишниот сметководител на Фаљали, Џемил Онал, за глобалната новинарска организација ОЦЦРП раскажа како функционирал бизнисот. Според Онал, во целата глобална обложувачка империја имало мрежа и во Македонија каде што теренци биле и лажни турски студенти. Групата наводно имала помош во Скопје од турскиот почесен конзул Ајдован Адемоски и од синот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Биљал Ердоган, пишува ИРЛ.

Халил Фаљали бил познат по својот раскошен животен стил и врски со високопрофилни политички фигури од Турција и Северен Кипар. Кога во февруари во 2022 година неговиот конвој бил пресретнат на еден селски пат, а тој изрешетан со автоматско оружје, меѓународната полиција по првпат ќе ги разбере големината и опсегот на операциите на дотогаш анонимната севернокипарска мафија. Стратегиска позиција во овој криминал имала Македонија. Во ексклузивни разговори од затвор во Холандија, меѓународниот Проект за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) и неговите партнери, меѓу кои и ИРЛ, сметководителот на Фаљали открива наводни детали за операциите во светот, вклучително и во Македонија.

Сиромашни милионери

Двајца сопружници во Штип биле пријавени како невработени и примале социјална помош. Но, и покрај тоа, имале луксузен возен парк: „ауди А7“, „порше хибрид“, „мерцедес блутек“ и „мини уан Д“.

Имале и мотоцикли „пијаџо“, „кавасаки нинџа“ и четирицикл „сузуки“. Ваква слика затекнала полицијата кога на 28 ноември 2024 година влегла на нивниот имот во градот и ги привела. Бил најден и половина килограм златен накит.

Сопружниците биле осомничени дека од 2020 до 2024 година преку глобалната интернет-мрежа без лиценца приредувале онлајн игри на среќа.

Клиентите морало да бидат турски државјани. Нелегално остварените приходи ги примале во криптовалути. Ги претворале во долари или евра, па ги пренесувале на електронски паричник, сопственост на менувачница за размена на криптовалути. Оттаму ги подигнувале во готовина.

По приведувањето, обвинителството веднаш побарало да бидат притворени.

Но, на ова апсење во Штип му претходел еден друг важен настан. На 1 200 километри на југоисток, на островот Кипар, поточно во меѓународно непризнатата Турска Република Северен Кипар, на 8 февруари 2022 година во заседа со огнено оружје бил убиен Халил Фаљали. Официјално, бил успешен бизнисмен и добротвор. Но, зад сцената се чини дека раководел со глобална мрежа на незаконско онлајн обложување.

Преку неа се переле пари од трговија со дрога и се корумпирале политичари во Турција и Северен Кипар. Јавноста не можела ниту да претпостави дека зад завесата значаен дел од неговиот криминален бизнис бил управуван и од мрежа во Македонија.

Фаљали долго успевал да остане недопирлив, иако заедно со неговиот брат Хусну уште во 2015 година во САД биле обвинети за перење пари од трговија со дрога. Обвинението било отфрлено еден месец по убиството на Фаљали.

При сведочењето, агентот на американската Администрација за борба против дрогата (DEA), Фаљали го опишал како водач на „голема организација за трговија со дрога и оружје“.

Но, вистинските размери на неговата мрежа за обложување сега почнаа да излегуваат на виделина. Неговиот поранешен главен сметководител, Џемил Онал (41), почна јавно да објавува наводни детали од мрежата. Нагласува дека сè што правел го правел по барање на неговиот шеф, сега веќе покојниот Халил Фаљали.

Онал изминативе шест месеци разговараше со новинари на глобалната новинарска организација ОЦЦРП (Проект за известување за организиран криминал и корупција), чиј партнер во Македонија е Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

повеќе

 

Back to top button
Close