Македонска беда
Трифун Костовски

Почитувани читатели, самиот наслов на оваа колумна е поразителен, такво е и моето чувство за вистината која никој не сака да ја слушне. Во насловот го отсликувам моето лично чувство за бедата на нашата држава, Македонија.
Убеден сум дека не сум единствен со ваква перцепција за нашата денешна Македонија. Ова веќе не е само криза, ова е системско распаѓање. Систем без правда не е држава, туку механизам за контрола за владеење на криминалот и корупција.
Трите базични столбови за функционирање на држава, а тоа се законодавната власт, извршната и судството, укажуваат на силни девијантни појави во нашето секојдневие и безидејност во креирањето на нашата иднина.
Законодавната власт е чисто формална и служи како параван за потезите на извршната власт. Судството е заробено изминатите 35 години од извршните власти во државата. Произлегува дека токму извршната власт е вистинскиот креатор на она што денес ни се случува.
Веќе 35 години неприкосновени партии кои владееле со извршната власт се ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Моја лична перцепција е дека и двете партии за своите грозни потези во нивното владеење меѓу себе се толерираат. Ваквата симбиоза меѓу политичките партии, за економијата и за државата е катастрофа.
Ултимативна политичка толеранција меѓу двете партии денес е евидентна. Ние, граѓаните во сопствена татковина живееме како во заробена држава. Криминалот и корупцијата цутат, а правдата е длабоко закопана. Живееме во систем што ја убива надежта.
За ваквиот мој став, драги мои читатели, ќе наведам неколку показатели. Владеачките партии изминатите 35 години промовираа убедување за нашето членство во НАТО и ЕУ дека НАТО ќе нѐ брани , а ЕУ ќе нѐ храни.
Владите, водени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, не ја разбираат целта на членувањето во НАТО и ЕУ , таа е систем на заемен интерес. Ако НАТО е воена алијанса и нашето членство е прифатено, ЕУ претставува силна економска заедница во која што бара партнер со кој ќе се здружи. Здружувањето подразбира силно стопанство на нашата татковина и владеење на правото и правдата во судството.
Што ние како држава имаме? Стопанството е на стаклени нозе, а дваесет години наназад се инвестира во таканаречените слободни зони за привлекување на инвестиции.
На целиот Балкан важиме како држава со најмногу слободни индустриски зони. Блиску 50% од вкупниот извоз на Република Македонија припаѓа на овие слободни индустриски зони, а во вкупниот бруто национален доход учествуваат со блиску 25% .
Ваквиот податок за секој мудар стопанственик и политичар е катастрофален.
Јавноста мора да знае дека во слободните индустриски зони во Македонија има повеќе од 20.000 вработени лица. Повторувам, 20.000 вработени, за кои инвеститорите во овие зони не плаќаат никакви социјални, здравствени и пензиски придонеси, а истите се осигурани на наша сметка.
Од година во година се зголемува надворешниот долг на нашата држава. До крајот на 2025 година надворешниот долг изнесуваше повеќе од 72% од БДП на Македонија.
Болната работа е што од година во година надворешниот долг се зголемува, а економијата, за мене од неразбирливи причини, тоне.
Јавноста мора да знае дека Владата на Република Македонија денес издвојува повеќе од 150 милиони евра за привлекување на страни инвеститори во слободните индустриски зони.
За мене е апсурден фактот што Владата издвојува само 150 милиони евра за поддршка на земјоделството и сточарството. Замислете идентични бројки во буџетот на РМ за поддршка на слободни индустриски зони и за поддршка на земјоделието и сточарството.
За новите вработувања во слободните индустриски зони, ние ги плаќаме сите нивни придонеси, а денес сме сведоци дека имаме огромна не изорана земјоделска површина зашто нема кој и зошто да ги работи. И во скопското Бардовци имаме повеќе стотици хектари необработена земја. Почитувани читатели, ова се болни факти. Земјоделието и сточарството се базичните гранки на кои треба да почива македонската економија, а владите на Република Македонија се тотално незаинтересирани. За нашиот урнисан стопански развој самите сме виновни, а ЕУ заедницата бара вистински партнери.
Странските инвеститори се стопански номади кои денес се кај нас, а утре може да си заминат ако некој им понуди подобри услови. Судството и натаму ја покажува својата лојалност кон политичките партии на власт. Ние сме експеримент за самоуништување.
Се наближуваат блиску 6 години од стечајот на Еуростандард банка. Јавното обвинителство и натаму води истрага против мене за овој стечај, со замрзнат личен имот кој не смеам да го стопанисувам ниту отуѓувам. Од стечајната маса на Еуростандард банка се обештетени сите правни и физички лица што е факт кој сам за себе говори дека стечајот на Еуростандард банка беше направен со умисла.
Истражната постапка, која требаше да биде завршена за 18 месеци, сѐ уште трае! Имам чувство дека ќе трае до крајот на мојот живот, бидејќи се повикуваат на распит нови личности само со една цел, да се продолжи истражната постапка.
Очигледно сивата еминенција која што владее во Македонија ги контролира сите можни влади, од причини што нивните партиски имоти се замрзнати како хипотеки во банките. Македонија е репер за систем што ги штити виновните.
Почитувани читатели, не сум единствен од нашава татковина кој е суден не по своја вина, туку поради нечија болна амбиција дека мора да бидам уништен.
Сакам да порачам до сите партиски лидери од власт и опозиција дека јас сум борец. Неправда не поднесувам. За тоа кој сум и што сум говорат моите дела. Со ваков начин на владеење правите самоуништување на државата и без перспективност за своите граѓани. Странци ни профитираат, а Македонија пропаѓа! Македонија се гради за туѓи интереси во кои што ние граѓаните ќе работиме за „туѓи бели дворови”. За жал, оваа држава не сака борци, сака коленичари и питачи.
Разбудете се! Доколку сами не создадеме систем и силна економија, ниту НАТО ќе нѐ брани, ниту ЕУ ќе нѐ храни.





