Македонските фудбалери ремизираа без голови против БиХ


Македонската фудбалска репрезентација одигра нерешено 0-0 вечерва на гостувањето во Сараево против Босна и Херцеговина во првиот од двата контролни натпревари пред стартот на септемврискиот циклус во Лигата на нации.

Избраниците на селекторот Гоце Седлоски во голем дел од натпреварот на исполнетиот стадион „Асим Ферхатовиќ“ добро му парираа на еден од учесниците на престојниот Мундијал, а во првиот дел пропуштија и колосална шанса да дојдат во водство.

Натпреварот почна со иницијатива на домашната репрезентација која првата идеална шанса за гол ја пропушти во 4. минута кога ударот на Алајбеговиќ од работ на шеснаесетникот се одби од Зајков и заврши во пречката на голот на Димитриевски.

Македонската репрезентација прв пат се закани во 11. минута кога Миовски можеше многу посериозно да ја искористи грешката на домашниот голман.

Одбраната на домашната репрезентација повторно згреши во 32. минута, но овој пат Миовски се обиде да го лобува голманот Зломислиќ, но топката од пред гол линија Радељиќ ја исфрли во поле.

На спротивната страна, БиХ повторно се закани во 37. минута кога Димитриевски го одбрани ударот на Гиговиќ, а домашната репрезентација во последната минута од полувремето уште еднаш ја погоди рамката на голот по ударот со глава на Баждар.

Второто полувреме почна со комплетно нова постава на теренот на БиХ, а од своја страна и Седлоски изврши бројни измени, давајќи им шанса на дебитантите Аломеровиќ, Омерагиќ и Анѓелески, откако во стартниот состав претходно дебитираше и Јанкулов.

Обидот на Мемиќ во 51. минута заврши крај голот на Димитриевски, а непрецизен во 69. минута беше и Демировиќ.

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина последната шанса со победа да замине на претстојното Светско првенство ја пропушти преку Башиќ во 80 минута.

Македонската репрезентација од Сараево заминува за Истанбул каде в понеделник ќе и гостува на Турција.

Back to top button
Close