Македонско-руски односи: Мангуп, кројач, војник, шпион

Ескалацијата на политичко-безбедносната криза во Украина не попушта. Напротив, и руската и украинската страна, со своите сојузнички капацитети, ја заоструваат реториката, паралелно со оперативните воени активности на теренот.
Рускиот претседател Владимир Путин завчера одржа средба со највисокиот ешалон руски генерали во тамошното Министерство за одбрана, настан намерно направен театрално, како јасен дел од кризната пропаганда на Русија: Путин, со остар тон, ѝ соопшти на руската и на меѓународната јавност дека, заради „непријателското“ однесување и „недвосмислено агресивниот став“ на Западот кон Русија и нејзините стратегиски интереси, тој е подготвен да преземе „соодветни воено-технички мерки на одмазда“! Тешко би можело да се замисли поопасен речник од овој, кога се руските безбедносни закани во прашање.
Украина, од своја страна, е во највисока воена и политичка готовност за воен судир со Русија. Со оглед на грамадната воена сила, во луѓе и техника, што Русија ја натрупа на границата со Украина, сериозни воени експерти предвидуваат дека тоа би можело да се случи веќе во јануари, иако варијантите на тоа како точно би изгледала целата операција се различни, а во секоја од нив шансите за ефикасна украинска одбрана се проценуваат на прилично „тенки“. Тоа е така и покрај тоа што западните сојузници на Украина и НАТО цврсто застанаа зад политичката одбрана на Киев, проследено со низа воено-технички засилувања на нејзините капацитети, од воено-технички, до разузнавачки. Дотолку повеќе што, дојде ли до реален воен конфликт, тој ќе претставува само почеток на нова, долга и исцрпувачка фаза на стратегиска конфронтација што нема да се ограничи само на првичните резултати на самиот терен. И така натаму…
ШТО ИМА МАКЕДОНИЈА СО ТОА?
Тоа нѐ води до логичното прашање: Какви се непосредните предизвици за Република Северна Македонија, како најнова членка на западната, НАТО Алијанса? И тоа најмалку, овде, за воените компликации од таквиот развој на настаните (за тоа има многу поквалификувани експерти од капацитетите на скромното перо на овој автор), а многу повеќе од аспект на политичките внатрешни и меѓународни последици за македонската држава.
Русија и Македонија своите билатерални односи ги базираат врз фактот што не споделуваат меѓусебна географска граница, а ни значајна економска или енергетска соработка – во таа смисла, ние сме најмалото од сите мали „џуџиња“ во однос на руските интереси – но се испреплетени во регионалниот контекст на Балканот. Ја продолжи ли Русија стратегиската конфронтација со Западот и на воено-оперативен план, макар и преку прокси-конфликтот во Украина, тогаш Балканот станува (односно, продолжува да биде) еден од најважните европски региони за дестабилизирање на западните интереси на Континентот.
Таквите нивни операции во сите држави на Балканскиот Полуостров се многу „евтини“ во секоја ресурсна смисла – од воено-политичка, преку дипломатска, до економска – бидејќи тие, барем во последната деценија-две, имаа за цел само да ја одржуваат перманентната нестабилност во „замрзнатите конфликти“ на Балканот, а не неопходно нивна ескалација во отворени безбедносни конфронтации. Таа „асиметрична“ варијанта на дестабилизација за контрирање од страна на Западот, пак, е неспоредливо поскапа, покомпликувана и поисцрпувачка, во секоја смисла, со многу поголеми нивни „падови“, отколку потребата за регионалните руски „подеми“.
Целата колумна на Сашо Ордановски на Цивил Медиа






