Макпетрол: Анализата за екстра лесното гориво ги констатира злоупотребите, но нема конкретни мерки

По објавената анализа за екстра лесното гориво на Министерството за финансии, компанијата „Макпетрол“ денеска преку соопштение оцени дека со неа се констатираат злоупотребите што се прават со ова гориво со години, но нема конкретни мерки, како и дека некој смислено го одолговлекува решението на проблемот.

-За жал, долгоочекуваната анализата за екстра лесното гориво го потврди тоа што со години е познато, но и тоа не е доволно за преземање конкретни мерки од страна на државата.Анализата на Министерството за финансии ги констатира злоупотребите што се прават со екстра лесното гориво со години – големата разлика во малопродажните цени помеѓу дизелот и екстра лесното мотивира одделни субјекти да го продаваат спротивно на постојните закони, односно да го користат како погонско гориво“. Сепак, тоа не е доволно за државата да собере храброст и да преземе конкретни мерки, туку само предлага сет од три мерки. Ако се има предвид дека вонредната состојба е завршена и дека Собранието е распуштено, поради што во овој момент не може да се вршат законски измени, јасно е дека некој смислено го одолговлекува решението на овој дологодишен проблем, стои во соопштението.

Ваквата анализа, дополнуваат оттаму, без носење мерки дополнително разочарува и уште еднаш го потврдува сомнежот дека некои луѓе од државните институции одработуваат за оние кои вршат злоупотреби со екстра лесното гориво.

-Како да се објасни фактот дека државата, од една страна, се задолжува со цел да обезбеди дополнителни средства во Буџетот за справување со економската криза, а од друга страна не покажува интерес и решителност, преку регулација на пазарот, да ги наплати даноците кои и следуваат.За конкретниот проблем покажаа интерес и релевантни меѓународни институции, од причина што нерешавањето на злоупотребите со екстра лесното гориво е во спротивност со европските директиви, наведуваат од „Макпетрол“.

Според нив, изедначувањето на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот ќе демотивира понатамошни злоупотреби, ќе придонесе за зголемен квалитет на горивото што се користи, а истовремено ќе ја заштити животната средина со промовирање и користење гориво според европските стандарди.

Со анализата на потрошувачката на екстра лесно масло за горење и предлог мерки за сузбивање на нелегалното користење и употреба се предвидува усогласување на квалитетот на екстра лесното гориво со квалитетот на дизел горивото, зголемување и изедначување на акцизата на екстра лесното гориво со акцизата на дизел горивото и воспоставување систем на поврат на акцизата за крајните корисници на екстра лесното гориво.

Во Анализата од Министерството за финансии, со предлогот на моделот 1 се очекува значително намалување на злоупотребата на екстра лесното гориво, но од друга страна подразбира на подолг рок потреба од зголемување на административниот капацитет на државната администрација во спроведувањето на мерките за надзор и контрола кај субјектите кои ќе користат екстра лесно гориво и кои ќе бараат поврат на акцизата. Со тек на времето можно е дел од сивата економија и злоупотребите да се појават и кај дел од субјектите кои ќе бараат поврат на акцизата.

-Во предлогот на моделот 2 со дефиниран временски период на важност на повратот на акциза, како
и во случајот на моделот 3 со постепеното изедначување на акцизите на двата енергенти и паралелен
систем на поврат, од исклучителна важност е јасната порака дека на крајот процесот ќе резултира со
укинување на системот за поврат на акцизата за екстра лесното гориво. Се овие два модели значително ќе се придонесе за сузбивање на сивата економија, намалување на нелојалната конкуренција, трајно елиминирање на злоупотребата на екстра лесното гориво. И во двата случаи е јасно нагласена потребата за преструктуирање на субјектите кон користење на друг енергенс, односно давање на временска рамка за преадаптација и подготовка за користење на поеколошки енергенси како замена за екстра лесното гориво, стои во заклучоците од анализата.

Back to top button
Close