Мареска по поразот од Брајтон: Ова е најлошиот натпревар на Челси откако пристигнав во клубот

Фудбалерите на Челси им приредија ново непријатно изненадување на своите навивачи. Откако Брајтон ги елиминира од ФА Купот, истиот ривал им нанесе нов пораз, овојпат во Премиер лигата и уште поубедливо – 0:3.

Тренерот на лондонскиот тим, Енцо Мареска, призна дека неговите играчи ги разочарале приврзаниците и истакна дека настапот на првотимците на „сините“ во петокот вечерта бил под реномето на клубот.

-Овој пораз е навистина разочарувачки. Мислам дека ова беше најлошиот натпревар што го одигравме откако пристигнав во клубот и никогаш повеќе не смее да се повтори. Мораме да бидеме фокусирани и да знаеме што сакаме. Противникот беше помотивиран, поконкретен и заслужено да победи, изјави тренерот на Челси.

Тимот од „Стемфорд Бриџ“ има два бода повеќе од Манчестер Сити и Њукасл, кои ќе се сретнат оваа сабота на „Етихад“, што според Мареска е среќа.

-Играњето за Челси е секогаш притисок и секако сите го чувствуваме тоа. Сепак, ние сме четврти на табелата, можеме да останеме на таа позиција и по ова коло и да ја продолжиме борбата за Лигата на шампионите. Само сакам да им се извинам на навивачите кои дојдоа да не гледаат и да им кажам дека ќе се обидеме да го подобриме нашиот впечаток уште од наредниот натпревар, изјави Мареска

Back to top button
Close