Меџити избрза, ги пушти пумпите од „Ѓавато“, водата наместо во Дојранското Езеро отиде во нивите

Вчера биле исклучени трите пумпи од хидросистемот „Ѓавато“ кои во саботата од страна на вицепремиерот Изет Меџити со пропагандна церемонија беа пуштени да работат за да се полни Дојранското Езеро.  Како што пишува „СДК“ трите пумпи повлекувале вода но таа не стигнувала до езерото туку се излевала во нивите и ги поплавила. Цевководот е долг 22 километри и околу него главно има засеани ниви.

Коритото на системот и цеководот на многу места се уништени од неодржување, а Меџити и другите одговорни за овој хидросистем побрзаа да пуштат во работа три од седумте пумпи за да покажат дека нешто веднаш сработиле.

„Пред три часа се исклучени пумите, со оглед дека на одредени позиции не е саниран цевковод па водата од истиот протекува. Завчерашното пуштање на дел од пумпите беше избрзано, бидејќи општо познато е дека цевководот е оштетен и на него има многу диви приклучоци. Сето тоа е нотирано и во записниците на Државниот инспекторат за животна средина, кои низ годините констатираа дека има и диви приклучоци од страна на земјоделци“, изјавија за „СДК“ вработени задолжени за системот кои сакаа да останат анонимни.

Хидросистемот „Ѓавато“ е изграден во 2002 заради полнење на Дојранското Езеро и да се спречи еколошка катастрофа. Во 2022, поради високите сметки за електрична енерија системот беше исклучен. Системот изминативе години се користеше и за дотур на вода во браната Паљурци кај Богданци при намален водостој. На системот се приклучени и повеќе правни и физички лица кои ги наводнуваат своите плантажи и ниви.

Back to top button
Close