Меџити, Касами и Ибрахими контра Таравари: Немаме никаква комуникација со Али Ахмети
Изет Меџити, Билал Касами и Зекирие Ибрахими експресно се оградија од партнерот од Вреди, Арбен Таравари дека имаат канали за комуникација со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Демократско движење, Беса и Алтернатива се децидни дека немаат никаква соработка со ДУИ и со Ахмети.
Со ова трите партнери дополнително се дистанцираа од Таравари, откако со него се разидоа за тоа дали на претстојните локални избори наесен, треба да настапат на една листа како Вреди, наспроти предлогот на лидерот на дел од Алијанса за Албанците дека треба да одат со посебни советнички листи. Ова пак, ги продлабочи разидувањата во Вреди во пресрет на изборите, а толкувањата се дека Таравари прави простор да ја напушти Вреди.
Таравари во гостување на „360 степени“ рече дека има канали за комуникација со ДУИ и дека и другите лидери од Вреди најверојатно комуницираат.
–Демократското движење (ДД) ги отфрла сите шпекулации дека има комуникација со претседателот на ДУИ Али Ахмети. ДД нема и нема да има никаков вид соработка со корумпирана партија каде нејзините врвни функционери се ставени на црната листа на САД за корупција. Демократското движење јасно и недвосмислено се дистанцира од која било политичка структура која корупцијата ја претвори во владеење, а државата во алатка за лично богатење. ДД останува цврста во својата визија за чиста, некорумпирана и политика во служба на граѓаните – велат од партијата на Меџити.
Со бурна реакција се јави и Алтернатива од каде тврдат дека немаат комуникација со ДУИ на ниту едно ниво.
– Со цел да се разјасни мислењето, но и да биде коректно со партиските органи и структури, како и со членството и поддржувачите, јавно изјавуваме дека Алтернатива нема комуникација на ниту едно ниво и на кој било канал со Демократската унија за интеграција. Проценуваме дека нема причина или потреба да комуницираме со партија којашто е на американската црна листа на недипломирани студенти, која кај Албанците ќе биде запаметена само по корупција, криминал и злоупотреба на моќта. Останувајќи доследен на ставот дека Вреди е коалиција изградена за афирмација на вредностите на новиот политички морал и за воспоставување нови политички стандарди, Алтернатива цени дека за заштитата на албанските интереси е во комуникација само со народот – велат од Алтернатива.