Мицкоски: 80 отсто од контролираните угостителски локали ќе бидат затворени
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) извршил контрола во 60 до 70 локали, дури и во оние со важечки лиценци, но повеќето од половината не ги исполнувале минимално-техничките услови за работа. Ова вечерва го изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Сител.
Тој рече дека повеќе од 80 отсто од тие локали ќе бидат затворени и дека се очекува инспекциските контроли да завршат за една до две недели по што точно ќе се знае кои локали се безбедни. „Тие што ќе продолжат да работат ќе значи дека сто проценти ги исполнуваат минимум пропишаните услови“, рече Мицкоски.
Посочи дека разговарал со претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и од него побарал итно да закаже управен одбор, да се проверат сите објекти што се под општинска надлежност, а комуналните инспектори да излезат на терен за да ги проверат настрешниците на објакетите, терасите итн.
„Морам да бидам груб и да кажам, колку и да ми се налутат сопствениците, колку и да велат дека сум лош или дека Владата е лоша, повеќе од 80 отсто ќе бидат затворени и нема да вршат дејност зашто не ги исполнуваат минималните технички услови. Нема играње со овие работи. ДПИ вложува надчовечки напори да направи контрола во сите локали, барови, поголеми, помали. Ќе се менуваат и законите, ова мора системски да се реши, но откако прво кривично ќе биде решен целиот случај, овој и уште неколку други“,рече Мицкоски.
Тој додаде дека многу сопственици рекле дека нема да ги отворат локалите бидејќи се свесни дека не ги исполнуваат условите.
„Во моментот низ цела држава фунцкинираат меѓу 50 и 60 објекти со дејност кабаре или диско клубови затворени или отворени, 22 се со лиценци, а повеќе од полвината не ги исполнуваат потребните технички услови. За да стекнете право на лиценца според законските измени од 2007 година треба да кажете дека се имате и никој нема потреба да провери“, вели тој.
Потенцираше дека никој од одговорните за трагедијата во Кочани нема да биде поштеден. „Ќе има одговорност за секој што постапил незаконски, независно од која партија е, дали е Македонец, Албанец, муслиман или христијанин“, порача тој.