Мицкоски: Ахмети по овие избори треба да оди во опозиција

– Денеска затвораме една историска епизода, затоа што тоа што го видов низ Македонија, тоа што го почувствував, таа енергија, таа емоција која доаѓа од народот на Македонија е навистина голема. Народот се обединува околу желбата за промени и сега од нас зависи колкав ќе биде интензитетот на тие промени и колкав ќе биде бројот на пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, но и за идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Лозово.

Тој  упати апел масовно да се излезе во среда и на тој начин, како што рече да се оневозможи потенцијалот на ДУИ да расте.

-Задутре во среда треба да ни биде прва цел, да се излезе масовно и на тој начин да се оневозможи потенцијалот на ДУИ да расте и во ИЕ 3 Али Ахмети да има пратеник. Али Ахмети после овие избори треба да оди во опозиција и заедно со тие малкумина кои сеуште му се верни од раководството на ДУИ да одговараат за се што и направија на Македонија, рече Мицкоски.

Пред граѓаните на Општина Штип, Лозово се обрати и носителот на листата за пратеници на ВМРО ДПМНЕ во ИЕ 3, Драган Ковачки, кој истакна дека за развој на општините во Програмата е предвидено 250 милиони евра секоја година од централниот буџет до општините.

-За општина Лозово имаме еден милион и 200 илјади евра, кои значат нови инфраструктурни проекти само во Лозово. Сите овие проекти што се ставени во програмата верувајте дека тие ќе бидат реализирани. Зошто? Затоа што кога ВМРО-ДПМНЕ нешто ќе вети, ќе стави на хартија, ВМРО-ДПМНЕ тоа го реализира. Тоа не е желботека, туку ставено е во програма затоа што тоа го дознавме од вас граѓаните кога имавме акции на терен, затоа што ВМРО секогаш е на терен, потенцираше Ковачки.

Тој исто така додаде дека луѓето од актуелната власт не ги интересираат граѓаните, туку ден повеќе на власт, па затоа потребна е сила поддршка на 24 април за Гордана Силјановска Давкова  и 8 мај за пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ со цел работите да почнат да се менуваат на подобро.

-Ќе ве потсетам. Кога последно биле овде овие од власта на СДС и на ДУИ? Кога последен пат бил Пендаровски? Кога последен пат бил Ковачевски. Дали воопшто биле тука во Лозово? Дали ве прашале како ви е како живеете? Со што се соочувате и какви проблеми имате? Очигледно не, затоа што нив не ги интересираат граѓаните, туку нив ги интересира како да останат еден ден плус на власт и тоа мора да го промениме, порача,Ковачки. Караванот на ВМРО ДПМНЕ за престојните претседателски и парламентарни избори се обрати и пред граѓаните на Општина Карбинци. Завршните митинзи за првиот круг на претседателски избори на ВМРО ДПМНЕ се вечерва во Пробиштип и Штип.

Back to top button
Close