Мицкоски ќе се обрати до институциите на ЕУ
Сакам да потенцирам дека преку разни институционални канали ќе се обратам и ќе работам со Европската комисија и со нашите партнери за изнаоѓање на решение, кое ќе биде достоинствено и согласно со националните интереси, а диктати, да биде јасно – не прифаќам!
Оваа е пораката што ја испрати премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски околу барањето решенија за деблокада на македонскиот интеграциски пат, искажана при неговото вчерашно обраќање пред партиската Унија на млади сили.
„За овој процес потребно е и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања. Не барам сочувства и изговори. Барам почит за мојот народ!“, рече премиерот.
ДВ побара прецизирање на адресите до кои ќе се обрати премиерот, односно дали ќе се обрати и до Софија. Од Владата одговорија дека обраќањето ќе биде само до институции на ЕУ.
Софија: Процесот не дозволува посредување
Засега не може да се претпостави каков би бил ставот на институциите на ЕУ, но веќе однапред е познат одговорот на официјална Софија. Бугарското МНР завчера (5.10) порача дека „процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја кандидат“.
Повод за изнесување на ваквиот став беа повеќе изјави поврзани со неодамнешната најава на унгарскиот премиер Виктор Орбан, дека на Мицкоски му предложил Унгарија како земја-претседавач со ЕУ да биде посредник во процесот за постигнување спогодба меѓу РСМ и Бугарија.
„Претседавачот со ЕУ нè кани во Будимпешта. Ајде да седнеме да ги решиме однапред сите прашања. Да не биде прашање по прашање, етапно, туку сите да ги решиме. Да нема повеќе пречки понатаму, и да нема билатеризација на овој процес. Еве веднаш да почнеме“, повика Мицкоски минатата недела (3.10) во гостување на ТВ Канал 5.
Потоа се огласи бугарското МНР, а како причина ги наведе континуираните изјави на претставниците на РСМ.
„Во врска со континуираните изјави на претставниците на Република Северна Македонија кои го доведуваат под сомнение принципот pacta sunt servanda, потсетуваме дека Скопје како свој главен надворешно-политички приоритет го прогласи приклучувањето кон европското семејство на вредности и правила. Тоа подразбира строго придржување кон добро познатите преземени обврски. Процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја кандидат. Единствена гаранција за успех е исполнувањето на поставените критериуми и услови“, се наведува во соопштението.
„Ќе нудиме предлози…“
Мицкоски и вчера потсети дека членството во ЕУ е стратешки приоритет.
„Ние веруваме во ЕУ (…) Членството во ЕУ е кохезивен фактор долж сите линии на општеството, од етнички – до политички. И недвосмислено сме определени да продолжиме по тој пат“, порача премиерот.
Раздвојувањето на Албанија од РСМ го оцени како неправедност, потсетувајќи дека на земјава тоа не и се случува првпат.
„Мора процесот да е жив и ние ќе нудиме предлози и решенија за надминување на оваа статус кво ситуација. Истовремено ќе работиме посветено на реформите за членство во Унијата и ќе ја менуваме лошата реалност, тоа е за наше добро и ние сме свесни за тоа. Стравувања дека ова ќе стане заробена држава се беспредметни“, нагласи Мицкоски.
Тој најави дека во процесите планираат да ја вклучат и опозицијата, како што рече – „кога ќе дојде време за тоа“.
„Нема да ветуваме работи кои се неостварливи, но и нема да пропуштиме да ја консултираме опозицијата и да побараме поддршка за нашите напори. Сепак целите ни се заеднички и немаме дилема околу тоа. Веќе следната недела ќе испратам писмо до сите инволвирани во кое и на таков начин ќе ја обзнанам и потврдам мојата недвомислена волја за дијалог, реформи и изнаоѓање на решение“, порача Мицкоски.
Унапредување на соработката
Заеднички се и напорите на целиот регион Западен Балкан за членство во ЕУ, но со оглед дека процесот повеќе години е во застој, главна тема останува унапредување на соработката на Западен Балкан со земјите членки на Европската унија (ЕУ).
За тоа ќе дебатираат лидерите на земјите-членки на Процесот Брдо-Бриони, кои денеска и утре учествуваат на самитот во Тиват.
„Самитот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони е можност да се потврдат добрососедските односи, да се зајакне регионалната соработка и да се искаже потребата од интензивирање на стратешкиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан“, соопштија од Кабинетот на претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Тој е домаќин на самитот, а вечерва ќе приреди свечена вечера за учесниците. Главниот дел од самитот, пленарната седница, ќе се одржи утре (8.10), по што е најавена прес-конференција на која ќе говорат претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.
Процесот Брдо-Бриони е заедничка словенечко-хрватска иницијатива покрената во 2010 година за зајакнување на меѓусебната доверба и помош на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ. Членки на Процесот се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.(dw)