Мицкоски не ја открива банката која прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите од унгарскиот заем
Премиерот Христијан Мицкоски денеска не сакаше да открие која е банката што прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите за фирмите од заемот од Унгарија.
„Да почекаме во недела да биде средбата со Македонската банкарска асоцијација и тогаш ќе излеземе со официјален став. Нашиот став е дека сите заедно треба да работиме исто како што се работеше во ковид-кризата или за време на енергетската криза. Ако тие (банките) мислат дека не треба така да работат, тогаш во ред, нивна е одлуката, тие се приватни субјекти, како Влада не можеме да се мешаме. Наше беше да обезбедиме средства за бизнисот, за економија, тоа што можевме, како Влада го направивме. Очекувам сите заедно да работиме за појака економија. Условите ги знаеја, уште пред изборите ги зборував, сите знаеја што се случува. Ние не сме влада која што бара, ние сме влада која што сака да помогне“, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“ вчера откри дека една банка прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите за фирмите од заемот од Унгарија.