Мицкоски за ЕУ-перспективите: Нашата позиција останува уставни измени со одложено дејство како гаранција дека ќе нема нови условувања

Христијан Мицкоски уверува дека тој и неговата влада се подготвени за суштински разговори за блокираната ЕУ перпсектива на земјата, но дека за тоа треба да има подготвеност и од другата страна мислејќи на Бугарија. Премиерот вели дека во изминатите месеци од своите европски соговорници не чул спротивставени аргументи на неговите, ниту пак пораки од типот – земете, или оставете. Тој повтори дека нема промена на позицијата која подразбира уставни измени со одложено дејство како гаранција дека ќе нема нови условувања од Софија.

„Не знам дали може да се направи исчекор во делот на евроинтеграциите, но знам дека ќе направиме се што е во наша моќ да се обидеме нашето прашање да го претставиме онак како што е пред сите светски авторитети и тоа го направивме. Дали ќе има некаков напредок – не знам, дали ќе има промена на нашата позиција – ќе нема промена зашто таа се темели на принципи и аргументи и тоа сме го кажале стотина пати. Ако има волја, има и начин и тоа не зависи само од нас зашто за танцување треба двајца, а некогаш можеби и повеќе. Во случајов, треба да имаме соговорник кој ќе биде подготвен да разговара. Ние сме подготвени, секаде ја претставуваме нашата позиција и спротивни аргументи на нашите не сме слушнале од типот – земете или оставете, тоа веќе не е така. Сега позицијата е дајте да најдеме решение и ние велиме да, да најдеме решение. Дали ќе постигнеме решение за месец, два или шест месеци не знам… Дали ќе дадеме се од себе, ќе дадеме, така што ќе видиме“,изјави денеска Мицкоски.

Најави дека во текот на декември два пати ќе го посети Брисел каде пак ќе се обиде да направи пробив, но без поместување од позициите.

“Ќе се бориме, нема ништо да ни падне ако само седиме со скрстени раце или мафтаме со бело знаменце како што беше досега, ќе се бориме, животот е борба. Битно е да победуваме и мислам дека од поразите во изминатите седум години постепено излегуваме од таа летаргија и по малку победуваме“,вели премиерот.

Пред три дена во Баку, за време на Конференцијата за климатски промени – ЦОП 29, се сретнаа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев. Тој, едночасовниот состанок го оцени како конструктивен и прагматичен и ја повика владата на Мицкоски да го следи тој премиер.

„Не е проблемот само во навременото впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија. Доколку државното раководство на РСМ навистина има желба за влез во Европската Унија, мора да ги исполни Преговарачката рамка и Договорот за добрососедство“,изјави Радев.

 

Back to top button
Close