Мицкоски: Задоволен сум од досегашната работа на градоначалничката Арсовска

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека е задоволен од досегашната работа на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која на локалните избори во октомври лани победи како независна кандидатка поддржана токму од оваа партија.

Единствен минус што го наоѓа е тоа што Арсовска можеби не ја запознала доволно јавноста за тоа каква лоша состојба затекнала во Градот Скопје.

„Јас лично сум сосема задоволен, имајќи ги предвид информациите кои јас ги знам, што за жал не ги знаат доволно граѓаните. И тука, можеби, гледам определен минус, бидејќи состојбата која беше таму затекната е навистина алармантна и катастрофална. Тоа е суштината. Кога тоа ќе го знае јавноста тогаш и дел од овие критики кои беа упатени кон градоначалничката Арсовска немаше да бидат упатени, бидејќи луѓето ќе ја знаеја состојбата со која Данела се зафати. Навистина е херојски добро да се зафати некој да решава една таква состојба – рече Мицкоски.

Според него, Арсовска не може премногу да се „размавне“ со работа, бидејќи во овој момент има три работи кои може да ги направи.

„Првата е да дозаврши нешто почнато од нејзиниот претходник, а за жал сè што е почнато е почнато без да биде осмислено до самиот крај со многу нерешени имотно-правни состојби и при потрошен буџет. Втората работа е да ја подобри хигиената што мислам дека е видливо во Скопје, се чистат депонии, веќе немате полни контејнери, немате отпадоци кои ги среќавате по улиците како летаат. Третата работа е да се подготвува за следната сезона, а тоа е да отпочне со проектирање на проекти и истата реализација да отпочне на пролет кога уште од староримско време па до денес започнува градежната сезона. Да се подобри дисциплината во администрацијата, да се создаде тим… Тоа е она што таа го има на располагање во изминатите два и пол месеци и јас сум задоволен од тоа што го направи – рече Мицкоски.

Во емисијата Мицкоски беше прашан и дали неговото присуство на настани организирани од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ не го крши принципот на поделба на држава и партија.

„Мислам дека треба да бидам таму бидејќи јас сум излегувал со тие градоначалници и сум се обврзувал пред граѓаните. Сум давал определени ветувања и нормално дека како резултат на тие ветувања, ја следам работата на секој од нив поединечно и сакам да видам како се развиваат тие ветувања. Дали се исполнети или не. Јас сум човек кој сака да верува во тоа во кое го кажува пред граѓаните и да го испорача тоа. Сочувствувам со потребите на граѓаните, ги доживувам и преживувам – рече Мицкоски

 

 

Back to top button
Close