Министерот Османи на видео средба со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Абдракхманов

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска оствари видео средба со Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Каират Абдракхманов, на која беа разменети мислења во врска со активностите на ОБСЕ, актуелните предизвици и идната соработка.

Османи на средбата истакна дека високо ја цени соработката со Канцеларијата на ВКНМ на ОБСЕ, притоа ја реафирмира подготвеноста на Владата и натаму да продолжи уште поинтензивно со оваа соработка, а особено, како што посочи, за време на нивното идно претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во 2023 година.

Исто така, како што соопштија од МНР, на средбата беа разменети мислења во врска со активностите на ОБСЕ, актуелните предизвици со кои се соочува Организацијата во областа која ја покрива Високиот комесар, како и за модалитетите за поефикасно справување со овие предизвици.

Османи се заблагодарил на поддршката што Канцеларијата на ВКНМ ја дава на нашите институции во насока на континуирана поддршка за поголема инклузивност и подобрување на севкупниот статус на припадниците на турската, ромската, српската, влашката, бошњачката, како и другите помалите заедници во државата.

Разменивме мислења за соработката и поддршката во подготовката и спроведување на владините политики со кои се обезбедуваат сеопфатни инструменти за градење на современа и предвидлива иднина, која ги  промовира основните вредности на различноста, вклученоста, почитувањето на човековите права, еднакви можности за жените и мажите, владеење на право, демократија и културата на мирот и дијалогот, потенцираше Османи.

Back to top button
Close