МНР ѝ врачи протестна нота на Бугарија, но амбасадорот Радуков одби да ја прими

По инцидентот со отсуството на македонското знаме на средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, денеска во МНР беше повикан новоименуваниот бугарски амбасадор во земјава Желјазко Радуков, за да му биде врачена протестна нота.

Тој одби да ја прифати протестната нота од Скопје.

„На средбата беше изразена загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирањето на двајцата претседатели, при што дополнително беше побарано објаснување од бугарската страна“ велат од МНР.

Во разговорот со бугарскиот амбасадор беше потенцирано дека средбата и заедничкиот ручек на двајцата Претседатели поминале во пријателска атмосфера, додаваат од министерството.

Претходно беше кажано од извори од МНР, дека пред средбата во Софија, сè било договорено меѓу кабинетите на претседателите и македонската амбасада во Софија. Биле утврдени детали за фотографирање, но само во работниот дел од канцеларијата на бугарскиот претседател. Како што велат, бугарската страна отстапила од договореното. Откриваат и дека за време на работниот ручек меѓу делегациите, стоело и македонското знаме.

На прашањето зошто веднаш не се реагирало, рекоа дека македонската делегација од почит кон Бугарија поради авионската несреќа што се случи само неколку часа претходно, не рагирале з инцидентот со знамето.

Премиерот Мицкоски денеска порача дека Бугарија сака да покаже мускули. Рече дека Македонија веќе нема да толерира непочитување.

Од Бугарија пак велат дека Сиљановска не била во официјална посета за да ја пречекаат со знаме.

Back to top button
Close