Мојот другар Блаже Фурна  

Почитувани пријатели, денеска ќе пишувам за мојот школски другар Блашко Димов кој во гимназиските денови го носеше прекарот Фурна. Причините за овој прекар не ми се многу јасни, меѓутоа го чувствувам како наше драгоцено наследство, останато меѓу нас другарите.

Блашко од сите нас другарите беше многу понапреден на физички план, уште во гимназиските денови делуваше како голем маж со импозантна висина и килажа. Вообичаено седеше во средниот ред во последната клупа и умееше да каже: „ова е најубавата позиција од која можам сите да ве следам”. Ментално ги имаше надминато уличните игри како фанта и џамлии и делуваше многу позрело во очите на нашите другарки од класот. За разлика од нас, останатите другари, Блашко веќе личеше на маж. Од сите училишни настани кога е во прашање Блашко, сакам да издвојам неколку: прво важеше како главна одбранбена тупаница на нашиот клас, иако воопшто не љубеше да се тепа или пак да создава конфликти, ама со својот изглед беше физички авторитет и причина да се одбегнуваат непријатности со соседните класови. Вообичаено, после часовите по фискултура, каде најчесто игравме фудбал, тој беше првиот кој инсистираше кај професорите да не нѐ испрашуваат нас кои претходно игравме фудбал, со појаснување дека сме испотени, изморени и деконцентрирани за испрашување. Убаво беше чувството што сите ние во класот ја чувствуваме силата и авторитетот на Блашко, која многу ни значеше. Трајно сеќавање ми остави Блашко на часот по зоологија. Вообичаено за тие времиња, особено во зимските денови кога бевме попладневна смена, снемуваше струја. Ние учениците се радувавме на тие моменти, бидејќи вообичаено беше да нѐ пуштат да си одиме дома. Тукушто вработената професорка по зоологија беше толку ревносна што сакаше својот образовен програм да го исполни и во услови кога немаше можност за тоа. На самиот почеток од часот кога снема струја, таа веднаш донесе свеќи и не задржа во класот и ни одржа предавање, нова лекција за глодарите, поточно за глувците. Ние учениците незадоволни од фактот што еве вака дадената можност да губиме часови не се реализира, реагиравме секој на сопствен начин, а во случајов нашиот другар Блашко Фурна на еден бунтовнички начин. Во училницата имаше три свеќи, по една во секој ред. Моите соученици од првите клупи можеа да гледаат, но тие од последните клупи беа во темница. Во тек на предавањето мојот другар Блашко на зборовите од професорката: – „Драги ученици, глувците….”, со баритонот ќе шепнеше ,,да ги јадеш„. На првите реакции професорката не реагираше, меѓутоа очигледно веќе и дојде преку глава ваква несолена шега и земајќи ја свеќата од првата клупа отиде полека кон последната клупа, каде што седеше Блашко и му кажа: -„Блашко, ти си?” Вообичаено беше професор кога посочува со име, ученикот треба да стане од училишното столче. Сцената и ден денес ни е смешна. Професорката со висина од 150 центиметри и кревка фигура со свеќа враце, застанува пред Блашко кој полека станува од училишното столче со висина над 190 центиметри, рамена широки речиси метро, со сенка разлеана по sидовите мислиш киклоп се исправа и вели: -„Не професорке, не сум јас”. Оваа сцена се повторуваше три пати во текот на целиот час и на крајот Блашко јавно призна: -,,Да професорке јас бев, бидејќи сум лут што држите час кога нема струја”. Професорката како вистински педагог му укажа на Блашко дека таа е тукушто примена на работа, дека своите обврски како професор многу сериозно ги сфаќа, дури дека во својата чанта постојано има свеќи за не дај Боже ако снема струја.

 

За Блашко Фурна има повеќе работи во врска со неговите остварени и неостварени желби. Уште од гимназиски денови нумизматиката и археологијата беа главните работи кон кои покажуваше особен интерес. Тие пасии и денеска го обликуваат како човек вљубеник во таков вид цивилизациски вредности. Но, негова неостварена желба беше да пропее. Имаше огромна желба да пее, но немаше ни слух, ниту глас. На последната наша, нема да кажам која годишнина од матура во Хотел Парк, Блашко зема микрофон и ме замоли да направиме селфи како пее, за да го испрати на својата сопруга. Блашко денеска е родител, дедо, столб на прекрасно воспитано семејство и посебно ми прави чест што неговиот син е најдобар пријател на мојата ќерка Олга. Нивното пријателство прераснува во кумство, Олга е кума на синот на Дејан Африка, Блажен, кој го доби името по неговиот дедо Блашко. Чувството дека другарувањето се пренесува и на следните генерации, во случајов меѓу мене и Блашко и меѓу неговиот Дејан и мојата Олга, е пример кој треба да го следат идните генерации. Ние, другарите на Блашко и денеска го чувствуваме неговиот заштитнички дух и поддршка, чувство што релаксира. Блашко израсна на скопските улици, но важи за човек со високи морални вредности. Биди ни жив и здрав Блашко наш!

Трифун Костовски

 

 

Back to top button
Close