Мојот другар Манчо

Манчо Митевски немаше прекар за време на гимназиските денови и цел живот го знаевме како Манчо. Исклучително мирен вообичаено не ги прифаќаше уличните игри како фанта и џамлии, меѓутоа секогаш беше дел од нашето другарување со една посебна енергија со која зрачеше на својствен начин. Одлично играше фудбал, беше левак и израсна во едно од големите новинарски пера на печатените дневни медиуми во бившата СФРЈ, но и по осамостојувањето на Р. Македонија, после распадот на СФРЈ. Го красат човечките особини на доследност и умереност со вградените принципи за разбирање и сваќање на секојдневието, сопруг и татко на две прекрасни деца. Признавам дека нашето другарувањето многу повеќе се зацврсти во подоцнежните години, кога сите ние веќе бевме етаблирани со своите стручности и занаети низ призма на денешниот свет. Манчо Митевски беше и сѐ уште е социјал-демократ, поточно со социјал-демократски убедувања, иницијаторот на познатата петорка која полни две децении го водеше ,,Утрински весник”, заедно со неговите колеги Ризаов, Тричковски, Мицковски и Поповски. Екипа која, вклучувајќи ме и мене, остави трајни белези во македонското новинарство. Бев единствениот сопственик на дневен весник кој не правеше никаков притисок врз уредничката политика на еден влијателен и популарен весник. Блискоста со Манчо порасна уште повеќе со невообичаеното пријателство помеѓу мене и неговиот син Алкесандар, кој што во музичкиот свет на самостојна Р. Македонија израсна во еден силен музички и како композитор, аранжер, изведувач и како текстописец на многу хитови. Песната „Кометал шампионе” е исклучиво дело на Александар Митевски кое и ден денес остана авангардно иако изминаа 20 години од неговото објавување во етерот.

Александар беше повод за мое појавување во музичкиот етер со мои музички нумери како изведувач. Првата наша објавена песна „Срце тетовирано” беше хит во Македонија пред повеќе од 20 години, а и ден денес се емитува во етерот. Генезата за појавување на оваа песна беше многу специфична. Вообичаено, на нашите заеднички летувања во Грција, во 2000 година Манчо ми кажува дека неговиот син Алекдандар сака да снимиме заедничка песна. Веднаш му дадов потврден одговор и од тогаш почнува мојата соработка со Александар која трае до ден денес. Александар ја напиша и победничката химна на парламентарните избори во 2002 година на Коалицијата за промени, предводена од СДСМ, каде што бев носител на листата во втората изборна единица. Химна која и ден денес секој ја толкува на свој сопствен начин, меѓутоа самото дело и денеска представува еден врвен производ.

Александар ја напиша и ја отпеа мојата химна при моето кандидирање за градоначалник на Град Скопје, химната за Скопје. Оваа песна и денес е актуелна со својот текст, вокал, музика, а уште повеќе добива патина, бидејќи зборува за едно Скопје полно со романтика, љубов и сентимент. Денес, само после 17 години Скопје е видоизменето, но песната на Александар, за мене значење е музички запис за едно Скопје кое ние скопјаните автентично го живеевме и доживувавме во периодот по 2000 година.

Манчо и неговата сопруга Олга беа дел од нашите заеднички летувања и дочеци на Нови години повеќе од 15 години. Другарувањата со Манчо продолжија и во неговата викендица во Соње (Скопско), каде Манчо на својствен начин ни подготвуваше скара, мезе и секако друштвени игри како шах и карти.

Манчо е единствен од другарите кој остана конзистентен во неговото разбирање на социјал-демократијата во Р. Македонија. Ние, останатите другари не бевме до тој степен политички приврзани за одредени каузи и единственото врзно ткиво на сите мои другари, вклучително и Манчо беше да опстоиме како Македонци по националност.

Различностите за политичките случувања во Р. Македонија не беа причина во ниту еден момент ние да не останеме другари. За мене и моите другари единствената партија или систем кој го сакавме беше и остана Македонија.

Горд сум што другарувањето со Манчо се пренесоа и на неговите деца, Александар и Дарко. Горд сум што нашите поколенија воспоставија прекрасна комуникација.

Манчо, Оле, бидете живи и здрави и вие и вашите деца! Очекуваме да нѐ поканите на скара во Соње.

 

Трифун Костовски

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close