Мојот другар Жарко

Денес ќе пишувам за мојот другар Жарко Станоевски кого нагалено го викам со прекарот Жака. Со Жарко другарувањето започна во раните 90-ти години, на еден невообичаен начин. Неговата сопруга Светлана целиот живот работеше во Фармацевтската куќа ,,Крка”. Во текот на нејзиното работење во Крка, мојот брат Стефан, беше директор на претставништвото ,,Крка-Ново место”во Скопје. Првите средби и контакти беа чисто формални, без некакви показатели дека тоа ќе прерасне во силно другарување. Уште еден доказ дека во животот на секој поединец изборот на другари е лична одлука, секако базирана на флуидот кој се чувствува меѓу личностите кои воспоставуваат пријателство. Жаре беше токму еден од нив.

Другарувањето беше многу интензивно, особено во моментите кога бевме на заеднички забави, дочеци на Нови години, летувања, посета и патувања на спортски натпревари, имендени, слави, родендени… Од тие дамнешни времиња сѐ уште ми е свежа сликата за нашите патувања низ Западна Македонија, кога одлучив да го преземам фудбалскиот клуб ,,Работнички” и да го вратам неговиот сјај во македонскиот фудбал.

Работнички го презедов по завршувањето на есенската сезона кога клубот беше убедливо на последно место во втората фудбалска лига запад. Концептот ни беше најпрво Работнички да се спаси од излегување од втора лига и брзо враќање во првата македонска фудбалска лига.

На овие патувања, Жарко беше како Феникс. Тој и неговиот автомобил Алфа-Ромео беа цело време дел од нашите патувања низ западниот дел на Македонија каде се одигруваа мошне тешки мечеви. Тој учествуваше во сите настани кои беа поврзани со тогашното раководство на клубот и даде личен придонес за Работнички навистина да се спаси од излегување и да остане во втората лига. Да биде јасно, на сите овие патувања Жарко и Светлана одеа во тандем, а сирота Светлана често пати беше идентификувана како човек кој ги носи парите за купување на натпревари со цел освојување бодови за опстанок. Бидете убедени, такво нешто не постоеше! Секогаш сум определен во тимските спортови да го мотивирам мојот тим да даде сѐ на терен, со една цел, остварување на зацртаната желба со фер-плеј.

Жарко цел живот работеше во МВР и по службена линија му следуваше оружје- пиштол. Никогаш во животот го немаше искористено или пак извадено пред нас, едноставно му беше како поткрепа да го носи со себе при гостување на фудбалски клубови чии навивачи и управа можеа да прават тензии.

Жарко својата улога ја одигра прекрасно, бидејќи како убав стасит маж со цврст однос и карактер, ја покажуваше својата храброст и одлучност и убаво е што таа година и половина поминати со Работнички во втора лига , остваривме длабоки пријателства со фудбалските клубови низ западна Македонија.

После тој период Работнички влезе во првата лига и три пати по ред ја освои титулата шампион на Македонија.

Успесите на Фудбалскиот клуб Работнички во домашното првенство и надвор имаат своја димензија за мене и за мојот живот. Успеавме со Работнички на светската листа за најуспешни тимови да дојдеме на 112 место. Жарко беше дел од оваа прекрасна приказна.

Кога завршивме со спортските клубови Ѓорче Петров и Пелистер во ракомет и Работнички, Вардар во фудбалот, нашето другарување продолжи во форма која и ден-денес ја пратикуваме.

Жарко како човек кој што не сака многу да зборува, често пати умеев да го идентификувам како мрмут или мрморко. Имено ќе дадеше некој коментар, меѓутоа ние не можевме да го разбереме и кога ќе побаравме од него да го повтори, тој само ќе кажеше „ако не си чул, твој проблем”. Обично ова се случуваше при играњето реми-бриџ каде желбата на Жарко да биде шампион беше неприкосновена, ама понекој пат не е сѐ во знаењето, треба и карта да те сака.

Во последните години најинтензивно се дружевме на летните црковни празници Св. Петар и Павле во неговото родно Пехчево. Ние неколку семејства, собрани во неговата семејна куќа во Пехчево ги празнувавме овие денови со софри, пијалок, панаѓурски прошетки, а најмногу играње карти реми-бриџ.

Не можам да не повторам, прекрасна семејна куќа во центарот на Пехчево, со прекрасен видик на централниот дел на ова мало градче, но со многу мал балкон, максимум два -тројца може да се зберат. Честопати го задевавме Жаре дека балконот мора да го прошири, а тој на еден мангупски начин ќе кажеше „сакате да го проширите, па повелете проширете го, мене како таков ми одговара”.

Престојот во Пехчево секогаш ни овозможуваше да ги посетиме околните места кои гравитираат околу ова градче. Рибникот на Стојан кој се наоѓа на самите извори на Брегалница , ни беше честа дестинација, како и кафеаната која се наоѓа на Мегдано во Владимирово. Да објаснам, Мегдано е централниот плоштад во Владимирово. Кафеаната Мрс во Берово беше исто така наша честа дестинација. Ручеците во хотелскиот комплекс Манастир беа често пати практикувани. Е, токму во овој хотелски комплекс се случи една мала мешаница. Имено, сопругата на Жарко Светлана е од Берово, од семејството Брашнарски. Резервацијата во ресторанот беше секогаш на нивно име, Брашнарски. Тоа тешко го поднесуваше Жарко, кој како голем Пехчанец не можеше да го прифати. Мојот другар Весо, црногорец до коска, го задеваше Жарко до бесвест, во стилот „па како можеш да дозволиш жена ти да резервира под туѓо име”? Следеа пречкртување на резервацијата, додавање на презимето Станоевски, со еден збор умеевме од мали нешта да си направиме убав амбиент во шеги и дијалози, бидејќи ниту Жарко, ниту Светле се луѓе на кои ваквите мали шеги би им пречеле.

Ресортот Аурора беше наша дестинација и повеќе пати престојувавме за време на викендите. Амбиент кој плени и буди чувство кај секој поединец да ја разбере убавината на природата како нешто неповторливо. Природата е најголемиот архитект која ја креира убавината на оваа наша планета, а токму комплексот Аурора дава прекрасни можности да ја почувствувате оваа привилегија.

Жарко и Светлана се родители на Марија и Благоја, две прекрасно воспитани деца.

Бидете живи и здрави уште многу години, да продолжиме со нашите дружења што би рекле ,,по нашки”, на начини кои само ние си ги знаеме и умееме.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close