Мојот пријател од Бугарија

Па што е ова бре луѓе, каква е оваа хистерија, не знам дали војна ни објавија? Кој тоа ќе не асимилира, кој ни го земал идентитетот и ќе каже ли некој како се зема идентитет на една нација, идентитет кој се гради со декади и векови, како тоа со некој протокол ќе ни го земеле идентитетот, ама вистински да ни објасни некој експерт за да знаеме!

Оваа пролет, некаде кон крајот на месец март, учествував на една парламентарна конференција на православието, во Милано, Р.Италија, беше тоа одличен настан, меѓудругото и промоција на една книга која ќе биде преведена и на македонски јазик, да, чист македонски признаен јазик и некаде во есен би требало да биде промовирана и овде кај нас во Македонија. Од присутните гости и парламентарни делегации некако природно се дружевме највеќе со бугарската делегација, имаше одлична атмосфера, пријателство, се беше како во најдобрите денови. Се дружев таму со еден од бугарските пратеници со кој некако се најдовме на муабет, се разбираше добро во мексикански ,,fast food’’, правевме муабет за спорт и од се по нешто, некако не беше оптоварен со политика тој е од онаа помлада генерација политичари. Но секако неизбежно беше и да свртиме малку разговор околу оваа наша ситуација за ветото од Бугарија и сето она што се случуваше од минатата година па наваму. Верувајте дека и тука се согласувавме во многу работи, пред се во апсурдноста на овој спор, воопшто не мислеше дека меѓу нашите две земји треба да има било какви несогласувања и изрази надеж дека се ќе се реши и сето ова е бесмислено, “па ние сме многу блиски, ние сме браќа, се ќе се среди“, кажуваше постојано. Но во сета таа гужва да Ви кажам право и заборавив да го прашам од која партија доаѓа, се чудам како не стана збор за тоа, но некако бев убеден поради неговите изнесени ставови дека доаѓа од партијата на премиерот Кирил Петков. Но минатата недела како што гледавме низ телевизискиот пренос на вестите беше бурно во Бугарскиот парламент по изгласувањето недоверба на премиерот Петков и прифаќањето на Францускиот предлог од страна на пратениците, но таму имаше и радикални пратеници кои силно и гласно протестираа против усвојувањето на овој предлог, стоејќи со транспаренти во рацете на кои пишуваше дека “Македонија е Бугарска“ па дури и обезбедувањето им ги одземаше транспарентите од раце. Во првите редови на оние најрадикални пратеници кои држеа транспаренти во рацете и протестираа го видов мојот пријател од Милано, исто така со транспарент во рацете и навистина не можев да поверувам, абе едно зборуваше а види сега друго прави, тек сега разбрав од која партија доаѓа и се друго, но сето тоа е негово право,  тоа е политиката,  се е театар, кога ќе излезеш на говорница таму си еден човек а штом си седнеш на столчето си друг човек.

Еден почитуван професор  од Правниот факултет од онаа стара гарда, за ваквата политика знаеше да каже ова ти е друже “Луд ј..е збуњеног“, изгледа така ќе биде.

Да се согласувам, и оваа изнасилена хистерија кај нас во врска со проблемот со Бугарија кој го имаме може да се дефинира по тезата на професорот, баш така, “Луд ј..е збуњеног“, не е далеку од вистината.

Политичката ситуација кај нас по однос на ова прашање е исто така доста комплицирана. Угоре е високо а удолу длабоко особено сега по најновиот модифициран Француски предлог. Од “асимилација“ и “бугаризација“ не бранат сега и дел од најголемите поранешни “бугараши“ а сега големи “патриоти“. Не бранат исто така и некои експерти и поранешни политичари кои и не доведоа до овие ситуации од кои сега мора да не бранат. Политичката партија која не се вградила во ниту едно решение кое е суштинско за опстанок на оваа нација туку напротив создала проблеми за државата поради кои морало друг да ги спасува, истата таа партија денес поради политички профит манипулира и ја повикува драматично нацијата да си ја спасува државата. Сето ова го прават само поради власт, не треба да се даде поддршка на ваква манипулација.

Претседателот на државата, премиерот и државното раководство треба да знаат дека што и да направат во оваа ситуација ќе бидат прогласени за предавници. Предавник ќе Ве прогласат и ако го прифатите предлогот со исполнети сите наши барања, но исто така и доколку повторно одбиеме ќе Ве прогласат за неспособен затоа што не сме добиле преговори и ќе бидете и предавник и виновен, исто Ви се фаќа. Токму затоа потребна е голема мудрост и смиреност на нацијата и државното раководство а не подбуцнување на и собирање на политички поени.

Сите бевме сведоци деновиве по добивањето на првиот Француски предлог абе кој се не продефилира по медиумите да ни соли памет што требало и како требало. Разни “експерти“, невладини, антивладини, вакви, онакви, разни партиски шутраци и пробисветови кои појма немаат од материјата за која зборуваат, некои истакнати стратези и “големи Македонци“, абе тешко ми е понекогаш да ги гледам право да Ви кажам, со некои од нив сум разговарал порано на овие теми и знам на која памет се, ама сега кога ги слушам што лупетаат по телевизии мака ми е стварно. Исто како ситуацијата со мојот пријател од Бугарија, едно мислат ама друго прават и зборуваат. Политика на луд ј..е збуњеног.

Што се однесува до оние кои се претставуваат како некои големи експерти би сакал да им кажам дека не се станува експерт ако влезете во некоја невладина организација, земете некој мастер од областа на менаџмент и управување со човечки ресурси, ќе ги научите телата и органите на ЕУ како и постапките на носење одлуки таму, и наеднаш “оп“ еве готов експерт. Ќе излезете и ќе лупате нешто онака од ракав особено околу Француските предлози, е не може така. Кога ги слушам веднаш приметувам дека немаат никакви продлабочени знаења, туку само онака сурфаат на површината со некои плитки тези и веќе видени фрази и ништо повеќе од тоа. Ова е малку посложена материја која овие експерти не ја разбираат. Ова се веќе теми од областа на дипломатијата и меѓународната политика, а тоа се сепак сериозни дисциплини. Потребни се промислени и храбри одлуки од оние кои треба да ги донесат тие одлуки, затоа што се работи за иднината на оваа наша Македонија, а тоа не е лесно. Се согласувам со нив дека со овој Француски предлог се прави преседан за нашата земја и се остава можност на Бугарија кога сака понатаму да не блокира. Точно е тоа. Но тие само рестриктивно ги толкуваат одредбите и протоколите од Францускиот предлог што е точно дека многу работи во голема мера се дискутабилни за нас и претставуваат преседани но секогаш и за многу држави имало преседани.  Но треба да знаат сите дека во секој случај и да немаше никаков друг предлог и сите наши барања топ тан да беа прифатени и одобрени од Бугарската страна, тие ќе може било кога за време на било кое поглавје да не блокираат до колку не се задоволни на пример од спроведувањето на договорот за добрососедство кој е сега билатерално прашање. Едноставно новата методологија и механизам за напредување низ преговорите им остава широка можност на членките да блокираат. Тоа што не го разбираат овие експерти е токму моментумот сега што треба да го искористиме да не стават на колосек и да почнеме, а после тоа секако дека не постои гаранција дека нема да не блокираат, секогаш ќе може да не блокираат, и со протокол и без протокол, со договор или без договор,  но мора да почнеме, треба тоа да го разберат. Очекуваме понатаму со текот на преговорите дека оваа национална хистерија од Бугарска страна ќе се разводни, ќе дојдат други влади и ќе тече процесот веројатно без поголеми проблеми. Па сетете се само како беше за Преспанскиот договор. Тогашната опозиција предводена од Мицотакис се закануваше дека нема да го признава договорот, дека ќе не блокира а видете ги сега, абе најдобри пријатели сме, се борат за нас, така ќе биде и со Бугарија, битно е да се фати овој моментум. Но запамтете, ниту една нација со било какви протоколи и барања од друга страна не го изгубила идентитетот, тоа се приказни за мали деца. Затоа им препорачувам добро да ги слушаат и советите од професорот Денко Малески, можеби нешто и ќе разберат.

Во овој момент премиерот и владата се наоѓаат во една навистина тешка и сложена ситуација од повеќе аспекти.

Можеби ова е и еден историски момент за нашата генерација кога ќе раскажуваме дека сме работеле и живееле во најголемата воена, економска и пандемиска криза во светот по втората светска војна, ќе се сложите дека ова е една многу деликатна ситуација. Исто така сум фрапиран од недораснатоста и злобата кај одредени политички фактори особено од опозицијата кои не ја разбираат сериозноста на оваа ситуација. Имам впечаток дека во овој момент секој сака да ќари нешто во матно и да се запише прв во листата на патриоти, секој сака патриот да биде, абе и ќоро и сакато. Токму затоа задачата на владата е уште посложена и потешка затоа што таа не смее да потклекне на овие блокади од несовесни и незрели политичари, не смее да попушти пред оваа хистерија пуштена на најјако.

Во една ваква сложена политичка констелација мора да се истакне дека премиерот покажува една стабилност во своето делување и во своите одлуки и за сега одлично се справува со секојдневните предизвици. Треба да се донесат многу значајни и храбри одлуки за иднината на овој народ и за иднината на нашите деца. Добро е што има широка консултација со сите политички фктори вклучително и опозицијата и така треба да биде. Тој треба да продолжи со својата агенда, силно и посветено да работи кон затворање на овој спор со Република Бугарија, секако не по секоја цена, токму затоа и беше одбиен оној првичен предлог од Франција и тоа беше во тој момент единствено исправно решение. Никој во оваа наша Македонија нема да преговара по ниту една цена кога се во прашање нашиот јазик и идентитетски обележја но исто така и нема откажување од нашата европска агенда.

Почитувани, сега е потребна промисленост и мудрост, не треба многу да им се придава значење на сите оние што ќе солат памет и ќе кажуваат како треба да биде, ќе врескаат хистерично во лажен патриотски занес, особено не на оние од опозицијата чија што агенда е сето ова да не успее, да не ги почнеме преговорите и да влеземе во еден голем политички хаос, на тоа интензивно работат и ќе продолжат да работат уште порадикално, токму затоа беа и оние настани во Собранието. Но сето тоа не смее да го поколеба или исплаши македонскиот премиер. Треба да продолжи храбро напред.

м-р Глигор Стоименов

Back to top button
Close