МОН: Кирил и Методиј оставија траен белег врз духовниот, културниот и образовниот развој на словенските народи

Како мисионери и учители, Кирил и Методиј оставија траен белег врз духовниот, културниот и образовниот развој на словенските народи. Нивното дело и денес нè поттикнува да го чуваме јазичниот и културниот идентитет, но и постојано да вложуваме во знаењето и просветата, пишува во честитката на Министерството за образование и наука по повод Денот на сесловенските просветители.
Продолжувајќи ја нивната мисија, посочуваат од МОН, обврска е да се гради силен образовен систем што ќе создава генерации со знаење, критичко размислување, креативност и чувство на заедништво.
– Да го почитуваме сопственото наследство, но и да бидеме отворени кон другите култури. Да втемелиме општество засновано на доверба, солидарност и соработка – порачуваат од МОН.
Министерството нагласува дека сегашните учители имаат исклучително важна улога – да воспитуваат и образуваат млади луѓе, кои ќе умеат да размислуваат самостојно, да препознаваат вистински вредности и да не подлегнуваат на дезинформации, стереотипи и манипулации.
– Со системска поддршка, квалитетно образование и активна вклученост на родителите, нашите млади можат да израснат во граѓани подготвени да обликуваат подобра иднина за себе и за целата држава – се вели во честитката.






