Муцунски: Со премиерот од Вашингтон ќе побараме поддршка за евроинтеграцијата и поголема економска соработка
Министерот, Муцунски во интервју за тв Телма говорејќи за посетата на премиерот Христијан Мицкоски на САД, каде што ќе присуствува на инаугурацијата на новиот претседател Доналд Трамп, рече дека таму ќе ги афирмираат позициите пред администрацијата што е во доаѓање.
Прашан околу изјавите на премиерот дека во САД ќе се оди да бара поддршка, но во која насока ќе биде тоа, Муцунски рече оти САД стратешки и историски гледано секогаш биле веројатно најпринципиелните поддржувачи на процесот на европска интеграција.
Посочувајќи дека товарот за решавање на тој предизвик што го имаме примарно е на три страни и тоа нашата земја, Бугарија и на Европската Унија, вели дека САД може да бидат четвртиот чинител.
„Факт е дека тие имаат влијание во овој регион и во Европа и тоа е факт што не смееме да го игнорираме, и од таа гледна точка, нивна стратешка цел е овој регион да биде целосно интегриран во ЕУ. Верувам дека преку нивните модуси на функционирање, дипломатските алатки што ги користат може да бидат активен четврти чинител во изнаоѓање на решение на овој предизвик. Поддршка ќе бараме од сите добронамерни чинители што сакаат иднина за регионот како полноправно интегриран во ЕУ“,рече Муцунски.
За последната посета во САД, Муцунски појасни дека имал средби со лица кои се дел од транзицијата на претседателот и оти, вели, се внимателни некогаш во објавата на тие имиња поради доверливоста на работата и специфичноста која ја вршат, бидејќи се администрација во доаѓање.
Тој оцени дека постои потреба од засилување на билатералните трговски односи со САД не само во делот на инвестициите, туку и во делот на увоз-извоз портфолиото на државата. Во овој дел смета дека со новата администрација можеме да направиме позитивно поместување, земајќи ја предвид, вели, блискоста на премиерот Мицкоски со министерот за трговија, Хауард Лутник, кој беше во посета на земјава пред неколку месеци.
„Ние како држава имаме историска стартна позиција со една администрација во доаѓање, но умешноста и мислам дека кон тоа е референцата на премиерот, умешноста е да знаете да го привлечете вниманието за да се добие тој заслужен фокус што ние како држава и како поширок регион го заслужуваме“,кажа тој.