МВР:Од денеска со Б категорија може да се управува мотоцикл до 125 cm³, но само со претходно помината задолжителна четиричасовна теоретска обука

Од денеска со Б категорија може да се управува мотоцикл до 125 cm³, но само со задолжителна четиричасовна претходно помината теоретска обука, информираат од Министерството за внатрешни работи.
ОД МВР појаснуваат дека е донесен нов Правилник со кој се уредува задолжителната четиричасовна теоретска обука за управување со мотоцикл до 125 cm³ (категорија „А1“ со автоматски менувач, до 11 kW).
-Напоменуваме дека не смее да се управува со мотоцикл до 125 см3 доколку не се помине теоретската обука и да се обезбеди потврда од автошкола. Обуката трае четири часа и опфаќа клучни теми за безбедноста: заштитна опрема, контрола и стабилност на мотоциклот, превоз на сопатник и справување со ризици на патот, се вели во соопштението од МВР.
По комплетирањето на часовите, автошколата издава официјална потврда (Образец во А5 формат) и го известува МВР, каде ќе се води евиденција за сите издадени потврди врз основа на податоците добиени директно од автошколите.






