На 18 години ја смета Шар Планина за свој дом, три искачени врвови и во странство

Додека нејзините врсници размислуваат за ноќните излегувања, социјалните мрежи и телевизиските серии 18-годишната матурантка Јована Богоеска веќе четири години по училиштето се обидува што повеќе време да помине на планина. Од 2016 година кога започнала да планинари таа веќе има искачено три врва во странство како дел од експедиции, а на врвовите на Шар Планина се искачила неколку десетици пати. Иако започнала сосема случајно по повик на друштвото, таа веќе ги одминала сите по бројот на искачувања и планинарски маршови.

-Почнав со одење по планини спонтано, друштвото ме праша, ај да одиме на планина. Ме викаа уште во 2015 година, ама ги одбив. Летото 2016, имав 14 години, виделе ивент на Фејсбук за искачување на Титов Врв и тогаш се нафатив. Кондиционо се чувствував подготвена до некаде, имав тренирано одбојка. Тргнав на планина со патики, сосема не обучена што и како треба да имам подготвено. Ми беше многу ладно и баш се сеќавам како сега кога од толку студ се обвив со марама што случајно ја имав на мене, се потсетува Јована на првиот пат кога заминала на планинарски марш.

Но токму така со тоа прво искачување таа се вљубуа во природата и Шар Планина. Се воодушевила од тој нов свет што го запознала надвор од градската бетонска „џунгла“.

-Никогаш нема да заборавам како ја впивав планината првиот пат. Се беше толку чудно, нема куќи, нема згради, нема бучава, знаете, се прашував како е природава толку голема. Целата таа глетка од страните, напред пред мене, изгледаше многу бесконечно сето тоа. Потоа по неколку дена од кога се вратив, размислував како си поминав, што се видов, што се случуваше. Сфатив дека надморската висина не ми претставува никаков проблем што ме натера да продолжам да размислувам да продолжам да се дружам со планината. Се почувствував така што јас и планината, како да сме едно, заедно и сплотени, вели Јована.

По само четири години, Јована веќе има зад себе двоцифрен број врвови, низа планинарски искуства во други насоки како алпинистичко искачување на карпи, експедиции во странство. Освен на Шар Планина, се искачила и на сите поголеми планини низ државата заедно со членовите на планинарскиот клуб „Љуботен“.

-Највисокиот искачен врв ми е надвор од Македонија, Гросглокнер на Алпите во Австрија со надморска висина од 3798 метри. Тоа беше првпат да заминам некаде надвор и да се соочам со таков предизвик. Понатаму, по височина беше Триглав кој е 2863 метри, во Словенија. Имавме организирано планинарско патување од клубот на неколку дена кога ги посетивме овие два врва. Во Бугарија, на планината Пирин, врвот Разлошки Суходол. Ова беше искачување со отежнети услови. Времето беше навистина ладно, ветрот ми го косеше лицето, знам имав дупли ракавици кои не спречија да замрзнам.Тоа беше алпинистичко искачување, со дерези, цепини и целосна зимска опрема, раскажа Јована.

Таа е една од најмладите членови на најстариот планинарскиот клуб „Љуботен“ во Тетово. На второто нејзино искачување на Титов Врв се запознала со луѓето од клубот кои беа организатори и од тогаш се зачленила. Сега веќе редовно оди на сите планинарски тури, како и потребните состаноци и друг вид активности кои се потребни од организациска природа.

-Клубот ми влезе во срце, односно членовите во него и нивното единство што се чувствуваше уште од првиот миг. Сметам дека заедно сме посилни секогаш, кога ја спомнувам планината ја поврзувам со себе, но веднаш по себе го ставам клубот. Не верувам дека без нив би постигнала да видам толку убави места. Сите работи на кои ме научиле, на кои постојано ме учат. Некои нешта се разбираат од туѓи искуства, потоа ги применуваш и го гледаш својот резултат. Редовен член станав, секоја недела одам на состанок и на секоја нова тура која заедно ја договаравме претходно. Во зборуваат сите зборуваат за серии и филмови или излегувања и настани, а јас разговарав со луѓето од клубот за планини, бидејќи тоа за мене е вистинскиот начин за поминување на времето, сподели Јована.

Таа дава се од себе за да има што поуспешна планинарска кариера. Постојано се обидува да ја обезбеди комплетната планинарска опрема, со помош на родителите, но и самата со оглед дека почнала да работи за да ги купи сите потребни реквизити за планина.

-Јас од секогаш бев тоа дете во семејството на кое му веруваш за се. Дали е тоа физичка помош или за било што друго тие како да имаат потпора од мене цело време. Сега за планинарење, имаа стравови, се разбира но имаат и доверба знаат дека сум дисциплинирана и дека се ќе направам безбедно да се вратам дома. Ми помагаат и околу опремата, но и сама си заработувам за да си ја дозволам бидејќи е скапа, објаснува младата тетовка.

Како членка на клубот била дел од телевизиски серијал „Учиме планинарење“ продуциран од страна на Младинската комисија при Федерацијата за планинарски спортови при што се снимаат емисии за запознавање на Шар Планина. Била на обука за младински лидер за обучување на млади деца во планина, а во иднина сака да ја добие и лиценцата за водич во планина. По завршување на гимназијата размислува да продолжи на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Back to top button
Close